Daimler Truck во минатиот септември го прикажа својот електричен камион E-Actros 600 на салонот за транспортни возила IAA во Хановер. Тоа беше концептно возило. Наскоро следи премиера на серискиот модел.
Наесен, на 10-ти октомври, Mercedes-Benz ќе одржи светска премиера на електричниот камион E-Actros 600. Производителот сега ги објави главните карактеристики на возилото, со коешто Mercedes-Benz го презема првиот чекор во транспортот на долги релации со електричен погон. Постоечките електрични модели во гамата на Actros имаат помал досег и главно се наменети за дистрибуција на стока.
„E-Actros 600 од фабриката во Верт може да ги замени повеќето камиони со дизел мотор во важниот сегмент на транспорт на долги релации, затоа што тој поставува нови мерила во поглед на економичноста за нашите клиенти. Покрај тоа, тој нуди огромни потенцијали за намалување на емисијата на СО2“, објаснува шефицата за камионите на Mercedes-Benz, Карин Радстром.
Веќе се почнати првите тестови во вистински услови од страна на клиентите. Серискиот старт се очекува во 2024 година. Производителот очекува дека електричниот камион ќе поттикне далекусежна пресвртница во патниот транспорт на стока, со возила што со погон што не испушта СО2.
Благодарение на ниската потрошувачка на енергија, новиот електричен камион ќе биде најекономичниот модел за транспорт на долги релации на Mercedes-Benz Trucks. Дизелот ќе падне во сенка во тој поглед.
За досегот од преку 500 километри, освен големата батерија, се грижи и погонската единица што се одликува со мошне висока ефикасност. Mercedes за таа цел разви посебна електрична оска. Бидејќи станува збор за батерија со огромен капацитет, нејзиното полнење дури и на станица за брзо полнење трае подолго од два часа. Единствено во случај на полнач од 1 мегават, полнењето од 10 до 80 проценти трае 30 минути.
Tesla за својот електричен камион ветува 800 километри досег
Останатите производители исто така ги префрлуваат своите камиони на батериски електричен погон. Iveco, на пример, во соработка со Nikola го разви Nikola Tre, чиешто сериско производство треба да започне кон завршетокот на годинава во фабриката во Улм, Германија. Iveco пред неколку недели целосно ја презеде заедничката компанија. Тоа значи дека Nikola Tre ќе се појави порано во продажба, а со досегот од 530 километри постигнува слични вредности како E-Actros. Но, клучна разлика е тоа што на Nikola Tre му е потребна батерија од 740 киловатчасови. Тоа значи дека ефикасноста е пониска, а со тоа и работните трошоци се повисоки во споредба со електричниот камион на Mercedes-Benz.
Бројот 600 во ознаката eActros 600 се однесува на капацитетот на батеријата, 600 kWh. Двата електромотори располагаат со трајна моќност од 400 kW, односно максимални 600 kW
Неодамна стартуваше и продажбата на Tesla Semi, којшто со батерија од 850 киловатчасови минува 800 километри, под полна натовареност. Камионите веќе се користат во Pepsi, каде што реално се постигнува досег од 650 километри.
Пазарен лидер меѓу електричните камиони во моментов е Volvo. Швеѓаните тврдат дека за четири години веќе имаат продадено 4.300 електрични камиони ширум светот. Во Европа, во сегментот на камиони над 16 тони, Volvo учествува со 32 проценти. Поголем е уделот во Северна Америка, каде што половината од продажбата во тешката класа отпаѓа на Volvo. Најпродаван модел е Volvo VNR Electric. Daimler таму настапува со Freightliner E-Cascadia.
Новиот Mercedes E-Actros 600 ќе се произведува во најголемата фабрика за камиони на Mercedes, во Верт, Германија. Во повеќе производствени чекори ќе се вградуваат е-оската, батеријата и технолошкиот модул. Компоненти ќе пристигаат од останатите фабрики. „Со E-Actros 600, тежиштето на нашето производство се префрлува на нашите фабрики за агрегати во Манхајм, Касел и Гагенау“, посочуваат од Daimler Truck.
Тајната на ефикасноста на eActros 600 лежи меѓу другото и во примената на нова хемија за батеријата. Станува збор за LFP батерија, којашто претставува ново скалило за електричниот погон.
















