за

Во Виена вози Opel Vivaro со погон на водород

Погонот со водород важи како „вториот“ електричен погон. Предноста е во тоа што нема чекање за батеријата да се наполни, водородот се полни за неколку минути.

Неколку австриски компании ќе го тестираат Opel Vivaro-e HYDROGEN, со можност за вклучување на овој фургон со погон на водород во својот возен парк. Меѓу првите компании е државната Wiener Netze, главниот снабдувач со енергија на Виена.

Директорот за развој на бизнисот со водородните возила во Opel/Stellantis, Петер Кун, лично го возеше водородниот Opel Vivaro, од седиштето во Риселсхајм до Виена, на растојание од 750 километри, со цел да го предаде возилото за тестирање кај Wiener Netze, градскиот снабдувач со струја и топлина.

Opel Vivaro-e HYDROGEN ја претставува следната пресвртница во електричниот погон. За разлика од батерискиот електричен погон, водородниот погон, што исто така важи како електричен, не бара долго чекање на полнач, додека батеријата се наполни. Резервоарот со водород се полни исто толку долго како резервоар на возило со обичен погон. „Мал“ проблем е единствено тоа што станиците на коишто се точи водород се ретки како отворена пекарница во недела.

Техниката е толку компактна, што товарниот простор е ист како во верзијата со дизел мотор. Водородниот Vivaro дополнително располага и со батерија, што може да се полни надворешно.

Со полн резервоар, фургонот минува до 400 километри. Носивоста изнесува 1.000 килограми, исто толку може да тежи приколката. Opel може да го испорача Vivaro-e HYDROGEN во верзија долга 4.959 (M) или 5.306 милиметри (L).

Целиот систем на водороден погон е вграден во „кошот за мотор“ напред. На местото каде што кај електричниот Vivaro се наоѓа батеријата, во подот, тука се наоѓаат три резервоари за водород, под притисок од 700 бари. Тие заедно содржат 4,4 килограми H2.

Горивната ќелија, во којашто се врши хемиската реакција на водородот и самото произведување на електрична енергија, располага со моќност од 45 kW. Тоа е доволно и за испорака по автопат. При поаѓање и при забрзување помага батеријата од 10,5 kWh што се наоѓа под предните седишта. Таа може да се приклучи на полнач и самата да испорачува енергија за 50 километри пат. Полнач од 11 kW е стандардно вграден во возилото.

Opel го нуди водородниот Vivaro само со модел на претплата, во висина од околу 700 евра месечно, како службено возило.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот електричен Actros со досег од преку 500 километри

Бестселерот на Toyota в година доаѓа со хибрид со 130 КС