за

Опасно е со зимски гуми да се вози во лето

Од 15-ти ноември до 15-ти март, толку трае сезоната на зимските гуми во Македонија. Возачите честопати се решаваат да продолжат да возат со зимските гуми, додека се „дотрошат“. Но, тоа е многу опасно.

Зимските гуми се гуми што се наменети првенствено за возење при ниски температури, додека летните гуми соодветно се наменети за возење при летни температури. Тоа е толку логично и не би требало да постои двоумење. Бројни возачи сепак се решаваат да ги остават зимските гуми кои и без тоа се пред менување, за тие да се дотрошат пред да се монтираат новите летни гуми, што треба да се сочуваат колку може подолго.

Зошто воопшто да се менуваат зимските гуми кога ќе затопли, кога и без тоа со нив се вози добро и во лето? Затоа што перформансите на зимските гуми драстично слабеат кога ќе дојдат топлите месеци. Тоа е поврзано со фактот што зимските гуми се „помеки“ од летните гуми. Помеката гумена смеша овозможува профилот да постигне подобар контакт со подлогата при зимски темпертури и при зимски услови на возење.

Кога зимските гуми се користат при температури над 7 степени Целсиузови, возните својства на автомобилот се менуваат значително, а особено се продолжува патот на сопирање. Бројни тестови го имаат докажано тоа со уверливи резултати. Конкретно при тестирањата на германскиот автоклуб АДАК, патот на сопирање со зимски гуми на сув пат, зависно од температурата и од истрошеноста на гумите, од брзина од 100 km/h се продолжува и до дури 16 метри. Тоа се четири должини на градски автомобил и тоа претставува голема опасност.

На фотографијата е наведена споредба во патот на сопирање на летни гуми и зимски гуми при температура од 15 степени Целсиусови од 70 km/h – возилото со зимски гуми запира дури 4 метри подоцна

Покрај тоа, контактот на зимските гуми со подлогата се намалува драстично, како што растат температурите. Уште една причина за замената на зимските гуми со летни да се направи навреме се финансиите. Возењето со зимски гуми во лето ја зголемува потрошувачката на гориво, а воедно и меката смеша на гумата се троши многу побрзо. Погрешно е уверувањето дека ќе се заштеди на гуми, ако се прескокне една замена на зимските гуми со летни.

Гумите за сите сезони во основа се наменети за региони со умерена клима. Но, кај тие гуми постојат големи разлики од модел до модел и потребно е навистина добро да се проучи понудата за да се избере правилно – и да се заштеди, но не на погрешно место, на безбедноста. Во основа, во нашите услови со грч зима и пекол лето, со гумите за сите сезони никогаш нема да вози со вистинските гуми за сезоната. Тие гуми се намети обично за возачи што минуваат мала километража во годината и главно возат многу резервирано.

Секако дека треба да се внимава и на длабочината на профилот. Кога таа ќе падне под 2 милиметри, повеќе нема што многу да се очекува ниту од најдобрите летни гуми.

>>> (Објава од 2020 г.) Половина милион возачи во Холандија уште се со зимски гуми

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bentley почнува да гради облакодер во Мајами

Акио Тојода одликуван за светски автомобилист на годината