Кинескиот производител на потрошувачка електроника Xiaomi најави изградба на фабрика за производство на електрични автомобили. Во Пекинг ќе се произведуваат до 300.000 возила годишно.
Според соопштението од градските власти во Пекинг, фабриката ќе се гради во две фази. Во кругот на фабриката ќе работи и центар за истражување. Според плановите, првите автомобили треба да почнат да излегуваат од фабриката во 2024 година.
Основачот на Xiaomi, 51-годишниот Леи Јун, уште во март најави дека бизнисот на својата компанија ќе го проширува во подрачјето на електричните автомобили. Во следната деценија ќе се вложат 10 милијарди долари во сопствено производство на автомобили.
Соодветен запис во деловните регистри на концернот со седиште во Пекинг е внесен во август. Xiaomi (Шаоми) е еден од водечките производители на телефони во светски рамки. На домашниот пазар, концернот е застапен и со електроника за домаќинство.
















