За најважната титула на Автомобил на годината во Европа ќе се натпреваруваат шест чисто електрични и еден автомобил со обичен погон, кој патем се нуди и во изведба со хибриден погон.
Историската пресвртница во автомобилската индустрија и во сите влијанија што таа ги има врз секојдневното живеење, веќе се случи. Сосем е извесно дека Автомобилот на 2022 година во Европа ќе биде електричен.
Од вкупно 39 нови модели на автомобили што ги исполнија условите за вклучување во престижниот избор, понатаму во трка за титулата остануваат седум. Шест од автомобилите се чисто електрични.
Седумте кандидати во трка за Автомобил за 2022 година во Европа
Cupra Born
Ford Mustang Mach-E
Hyundai Ioniq 5
Kia EV6
Peugeot 308
Renault Mégane E-Tech
Škoda Enyaq iV
Единствениот автомобил во овој список што не користи чисто електричен погон е новата генерација Peugeot 308. Тоа е мошне релативно, а од 2024 година ќе биде и сосем неточно. Peugeot 308, што се очекува и на македонскиот пазар во периодот на преодот во новата година, се нуди во две изведби со приклучен хибриден погон. Понатаму, Французите ќе го нудат компактот и во чисто електрична изведба, впрочем исто како што е случај со Peugeot e-208 и e-2008, или со сите модели од товарната програма.
Peugeot 308 единствен во изборот што не е со електричен погон? Наскооро и тој ќе се нуди во чисто електрична изведба, исто како e-208 и e-2008, или целата товарна програма на марката

Гласањето за финалето ќе се одржува на крајот на февруари, по што ќе се знае кој автомобил ќе ја понесе титулата на Car of the Year 2022. Прогласувањето ќе се одржи онлајн на 28-ми февруари.
















