за

Tesla нема шанси против овој автомобил

Во Кина во јануари се продале речиси двојно повеќе примероци од електричниот Hongguang Mini EV отколку од Tesla Model 3. Можно е моделот да пристигне и во Европа.

Автомобилот е далеку од убав, но тоа и не е важно. Hongguang Mini EV привлекува со други вредности. Тоа важи пред сé за цената. Малечкиот електричен автомобил во Кина чини 3.700 евра, а ако се додаде клима уред, тогаш цената се качува на 4.100 евра. Во Европа некои електрични велосипеди се поскапи.

За споредба, примероците од Model 3 што Tesla ги произведува во својата фабрика во Кина, чинат најмалку 32.000 евра. Тоа е осумпати повеќе од Hongguang Mini во најдостапната изведба. Цената очигледно ги привлекува купувачите. Во јануари, евтиниот малечок автомобил ја оставил Tesla далеку зад себе на кинескиот автомобилски пазар. Според здружението на производители на автомобили во земјата, во првиот месец од годинава се продале 25.778 примероци од Hongguang Mini.

Во истиот период, Tesla продала 13.843 примероци од Model 3. Според тоа, Hongguang Mini е најпродаваниот електричен автомобил во Кина. Моделот се појави на пазарот во минатото лето. Во втората половина од годината, во своевидна пазарна навалица беа продадени 112.000 примероци од евтиниот автомобил на струја.

Моделот е производ на заедничката компанија со General Motors

Hongguang Mini е производ на заедничката компанија меѓу General Motors (GM) и државниот производител на автомобили SAIC Motor. Автомобилот во земјата се продава како „народен автомобил за патување до работа“. Зедничката компанија меѓу SAIC-GM-Wuling во Кина се води само како „Wuling“. Логото на марката личи на W.

Секако дека евтиниот автомобил не може да се споредува со квалитетните модели на Tesla и со моделите од останатите производители во поглед на досегот, перформансите и комфорот. Крајната брзина на основната изведба изнесува 100 km/h, а електричниот досег изнесува максимално 170 километри. За превоз на поголем багаж мора да се собори задната клупа.

Постои уште една причина зад успехот на Hongguang. Заради поттикнување на продажбата на електрични автомобили, Кина дозволува за одредени модели веднаш да се добие регистерска таблица – бесплатно. Наспроти тоа, за обичните автомобили мора да се чека долго време, додека се издадат регистерски ознаки.

Постојат шанси моделот да се појави и во Европа. Водени се преговори за кинескиот електромобил да се продава во Летонија, каде што производителот Dartz ќе го монтира и дистрибуира автомобилот под моделското име FreZe Nikrob во Европа. Цената сепак нема да биде толку ниска како во Кина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата Škoda Fabia ќе биде „октавија“ во својата класа

Новата Škoda Fabia ќе биде „октавија“ во својата класа

Каква оцена има АУТО БИЛД за новиот Citroen e-C4?