за

Каква оцена има АУТО БИЛД за новиот Citroen e-C4?

Новиот модел на Французите се рекламира со дисконтни цени и голем оптимизам дека токму тој ќе ја врати марката во живот. Германскиот АУТО БИЛД дава многу пореална слика.

Новиот Citroen C4 е изработен врз платформа од градски автомобил, но се прикажува како да е модел од компакт класата. Електричната верзија e-C4 беше на тестирање кај германскиот магазин АУТО БИЛД. Дали е сé толку сјајно околу овој автомобил?

Citroen C4 веќе неколку генерации е незабележлив во понудата од модели во компакт класата, покрај Golf, Focus и компанија. Француската марка секој нов модел од оваа класа го најавува како големо враќање на автомобилската сцена, во духот на името што Citroen го имаше во времето на основачот Андре Ситроен и на неговите генијални модели DS & Cо.

Магазинот АУТО БИЛД ја тестираше верзијата на Citroen C4 со електричен погон, означена e-C4. Големината на магазинот и неговото место како водечки автомобилски медиум во Европа, заедно со тресетината лиценцирани изданија, се темели токму врз реалноста на тестовите.

>>> Тестот на Citroen e-C4 што го објави АУТО БИЛД го пренесуваме во целост:

Со својот електричен погон, со благата доза на СУВ и со симпатични димензии, Citroën ë-C4 побудува големи очекувања. Но, како е во праксата? Тоа ќе го покаже тестот на АУТО БИЛД.

Citroën ë-C4 теоретски би требало да претставува величествен универзалец. Електричен автомобил со стил и со моќна заднина во киловатчасови, не преголем, но затоа функционален и скроен за семејството. Овој Citroën би требало и во возењето да биде исто толку уиниверзален, како што изгледа на прв поглед и по разгледувањето на техничките податоци. Но, тоа може да биде малку потешко. На електричните автомобили не им е лесно да ги исполнат највисоките барања во услови на најголеми зимски студови.

При ниски температури, од 350-те километри досег според нормата WLTP, остануваат само 192 километри.

Минусните темпеартури во средината на февруари навистина му предизвикаа големи тешкотии на компактот. Нашето тест возило мораше да издржува полнење и одредување на досегот при температура од три степени под нулата. Најоптимистички одреденото растојание за електричниот погон изнесуваше „само“ 192 километри. Но, прво за автомобилот. Со цени што почнуваат од 34.640 евра, ë-C4 спаѓа во средната класа автомобили. Во изведбата „feel“, тој сепак не е опремен толку богато. Дури во топ-нивото на опрема „shine“ се вградуваат богат мултимедиски пакет и најважните системи за асистенција, како предупредување при возило во мртов агол. Во тоа ниво, ë-C4 сепак чини најмалку 37.340 евра. Што се однесува до просторната понуда, компактниот Citroën повеќе би требало да се споредува со моделите од градската класа. Дури и тесно скроените комбилимузини на Mercedes и BMW (A-Class и серија 1) имаат повеќе простор.

Нискиот покрив им го стеснува просторот на патниците на задната клупа

Покрај тоа, нискиот покрив на ë-C4 го влошува просторното чувство. Ова е речиси опасно: Високи патници може да удрат со главата во рачката што има остра форма. Просторот за колената исто така е тесен, а претесно е и за тројца патници назад. Друг проблем е тоа што ë-C4 веќе би бил претоварен со петмина патници. При тежина на празно возило од 1.632 килограми се нуди носивост од само 368 килограми – тоа исто така е вредност што повеќе личи за градски автомобил, отколку за компакт. Предните седишта се пријатно цврсти во средишниот дел, но страниците скромно се наполнети со материјал. Покрај тоа е премала длабочината на седиштата – тука стојат на располагање само 490 милиметри. Недостига најмалку за една шака подолга површина за седење.

Затоа пак, Citroën вози мошне комфорно. Амортизацијата реагира меко и ги поништува и поголемите нерамнини, а автомобилот притоа не се клати и прецизно го држи правецот. Крутите бокови на гумите сепак се слушаат при минување преку шахта. Автомобилот вози мошне тивко. Шум од поткрилата и тивко тркалање на гумите е сé што се слуша до темпо 100.

Типично за електричен автомобил: Моторот при „полна гас“ повлекува моќно, рекуперацијата забавува примерно.

Начинот на раквуање ни се допаѓа. Вистина е дека со голем број од функциите се ракува преку големиот дисплеј во средината, а благо кичестите инструменти човек мора да се натера да ги засака. Меѓутоа, има обичен регулатор за силина на тон и посебен модул за ракување со клима уредот, кој е лесен за користење. Копче во средишната конзола ги прикажува на дисплејот информациите што се важни за електричниот погон – то а е елегантно решение. Моторот со 136 КС не оддава спектакуларна моќ. Барем се добива електричното punch-чувство кога ќе се притисне десната педала. Покрај тоа, преку копче може да се вклучи посилен степен на рекуперација (со осетно забавување) – што исто така придонесува за типичното чувство на возење електричен автомобил.

На нашата тест-рута измеривме потрошувачка од 23,9 kWh/100 km. Јасно е дека греењето при смрзнувачки температури ја троши енергијата на батеријата. Кога ќе се земе предвид батеријата од 50 kWh (со помал искористлив нето-капацитет) се добива микронски „зимски досег“. Затоа, пак, ë-C4 во оптимален случај може на брз полнач да се наполни до 80 проценти од капацитетот за околу половина час. Во најлош случај, при користење домашен приклучок за струја, полнењето ќе трае подолго од 30 часови. Од една страна брзо, од друга бавно.

Заклучок: Комфорен автомобил, без хирови и грешки. Сепак и ë-C4 страда од типичните проблеми на електричните автомобили (студ, полнење). Малечката батерија го ограничува досегот.

Тест-оцена на АУТО БИЛД: 2-

>>> Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla нема шанси против овој автомобил

Дамите најмногу сакаат да се луксузираат во кабриолет Lexus