
Фолксваген преговара со можните партнери, вклучувајќи го Рено, за соработка во развојот на електричен автомобил што ќе чини под 20.000 евра, објави германскиот економски дневник Ханделсблат.
Волфсбург е заинтересиран за соработка на платформа за автомобил, што треба да направи електричниот погон да стане достапен за најширопкиот круг купувачи, пишува германски Ханделсблат.
Разговорите со Рено уште се „во почетна фаза“ и можно е ништо да не се договори, објави германскиот економски дневник Ханделсблат во петокот, повикувајќи се на изјави на лица што се упатени во случувањата.
Годишна продукција од 200.000 до 250.000 возила е цел на двата партнери, наведува весникот.
Фолксваген во март излезе со детали за развојот на целосно електричен автомобил со цена од 25.000 евра. Намерата е моделот да почне со продажба во 2025 година, со досег до 450 километри и со можност за користење брзи полначи, што ќе овозможат батеријата да се наполни до 80% за дваесетина минути.
Германскиот производител тогаш наведе и дека развива електричен модел од 20.000 евра, но не откри повеќе детали околу тоа.
Извршниот директор на Рено, Лука де Мео, поранешен директор во концернот Фолксваген, во минатиот месец најави дека францускиот производител ќе ја лансира следната генерација на Твинго како целосно електричен градски автомобил. Моделот треба да стартува во 2026 година и да чини под 20.000 евра.
Де Мео го прикажа моделот на денот за инвеститорите, што беше организиран како подготовка, за Ампер, огранокот за електрични возила на Рено, да стартува на берзата.
Тимот на шефот на концернот Блуме работи под полна пареа на достапни електрични автомобили. Сега е јасно: Сами тешко дека ќе можат да ја решат задачата, пишува германскиот економски дневник Ханделсблат, во објавата од петокот
Die Mannschaft um Konzernchef Blume arbeitet unter Hochdruck an bezahlbareren Elektroautos. Nun wird klar: Allein werden sie die Aufgabe nur schwer lösen können. https://t.co/ZBsQaJ5LCH
— Handelsblatt (@handelsblatt) December 8, 2023
Европските производители на автомобили ги забрзаа своите планови да почнат со продажба на достапни електрични автомобили, како одговор на сé посилниот наплив од електрични возила од Кина.
Просечната цена на електричен автомобил во Европа во првата половина од 2023 година изнесуваше над 65.000 евра, според истражувањето на Јато Дајнамикс. Наспроти тоа, просечната цена на електричните автомобили во Кина изнесува околу 31.000 евра, што е двојно помалку.
Најдостапниот електричен автомобил на македонскиот пазар · Дачиа Спринг во онлајн-каталогот за сите нови модели на автомобили, АВТОСАЛОН.МК
Од Рено кажуваат дека соработките се неопходност, за да се постигне конкурентност во делот на пазарот на малечки електрични автомобили. „Водиме повечќе разговори, но уште не е финализирано“, наведуваат од француската компанија. Фолкваген уште нема излезено со коментар за објавата на германскиот весник.















