Масерати првпат го нуди својот ГранТуризмо во изведба со целосно електричен погон. Со додавка Фолгоре во името, луксузното италијанско купе е единствено во овој сегмент, што вози целосно на струја. Иако е најсилен и спринтува најдобро, ГранТуризмо Фолгоре не е и најскапиот во гамата на овој модел.
Масерати не е од марките каде што цената на автомобилот решава за изборот, туку се избира тоа што повеќе ќе легне на душа. Тоа што цената на електричната изведба на новиот Масерати ГранТуризмо е под цената на врвниот модел во гамата, нема да смени многу за Фолгоре да биде најпродавана верзија на купето.
Со 199.000 евра, ГранТуризмо Фолгоре е за половина Алфа Ромео Тонале „поевтина“ од топ-моделот Трофео, што марката од Болоња го цени на 227.100 евра.
На електричниот Фолгоре му припаѓа и насловот на најсилен модел во гамата на ГранТуризмо, со своите 761 КС, наспроти 550 КС на Трофео и 490 КС на Модена, којашто со 182.000 евра е воедно и најдостапната изведба на ГранТуризмо.
Фолгоре со погон на сите тркала (еден електромотор напред, уште два назад) има и други бројки за одушевување: Вртежен момент од 1.350 њутнметри, највисока брзина 325 километри на час и забрзување до темпо сто за 2,7 секунди.
Наспроти тоа Трофео со својот мотор Ве-6 со 650 њутнметри, спринтува за 3,5 секунди до темпо сто и во крајната брзина е за пет километри на час побавен од Фолгоре.
View this post on Instagram
Досегот на електричниот Масерати изнесува 450 километри, според фабрика. При достапност на брз полнач, купето полни струја за следните сто километри пат за само пет минути.
Тоа што ќе се заштеди со изборот на електричната изведба, брзо ќе се надомести при изборот на опциите. За ексклузивна „тркачка жолта“ боја се доплаќа 32.940 евра, тркала различни од стандардните чинат 4.270 евра, седишта во алкантара бараат уште 2.074 евра. Само со овие три ставки, „евтиниот“ Гран Туризмо Фолгоре пак доаѓа до близу 270.000 евра.
















