Овој Голф е од специјалната серија за 50-годишнината

Ексклузивна серија Голф Едиција го одбележува почетокот на продажбата на освеженото моделско годиште на германскиот компакт, во чест на неговиот 50-ти роденден. На германскиот пазар, Фолксваген Голф во основната изведба почнува од 27.180 евра.

Голф е млад 50 години. Со повеќе од 37 милиони продадени примероци, Фолксвагенот е меѓу најуспешните автомобили во историјата. Сé почна во 1974 година. Точно за роденденот на моделот според којшто се нарекува цела една класа автомобили, Волфсбург почнува со нарачки за освеженото моделско годиште.

Новиот Голф се препознава по сменетиот нос, со нова форма на диодните светла. Во својата најнапредна изведба, светлата работат со матрична диодна техника, со посебно долг досег. Првпат во Европа ќе може да се нарача осветлено лого на Фау Ве во маската. Промени има и во задните светла, со тридимензионален ефект.

Меѓу главните новини е примената на вештачка интелигенција за гласовно ракување, па и за комуницирање со самиот автомобил. Секако дека основата за тоа доаѓа од Чет ГПТ. Инфо-забавните системи – што не се прославија во почетокот на производството на новата генерација на Голф – сега се целосно сменети, располагаат со поспособен процесор и дисплеј со пречник до 32,2 сантиметри. Има промени и во менито.

Секој Голф доаѓа со дигитални инструменти, Дигитал Кокпит Про. Воланот има физички прекинувачи место софтверски полиња, а преку системот за говорни команди ИДА, може да се ракува со климатизацијата, телефонот и навигацијата. Може да се побараат и информации од најразлични полиња, од план на летање, до прашања од културата.

За старт се достапни пет нивоа на опрема и четири мотори. Основната изведба е Голф, по неа следи Лајф, врвна е изведбата Стајл. Четвртата варијанта е Едиција 50. Кај моторите, може да се избира меѓу бензинец со 115 или 150 КС, и благи хибридни верзии на овие мотори со 48-волтен стартер генератор и 7-степен менувач со двојна спојка. Дополнителна штедливост доаѓа од тоа што моторот може при ниско оптоварување да „изгасне“ два цилиндри

Посебностите на Голф Едиција 50

Специјалната серија се темели врз нивото на опрема Стајл и го надградува со бројни ставки. Тркалата од 18 инчи се во дизајн Лидс, задните стакла се затемнети, попречната лајсна во маската е осветлена, исто како и логото на Фау Ве. На средишните столбови се забележува плакета „50“ со тридимензионален ефект.

На прагог пречекуваат лајсни со лого Едиција 50, а истото се забележува и во дното на воланот. Врз педалите се поставени плочки од четкан благороден челик, таванот е црн.

Од функционална опрема, стандард е врвниот инфо-забавен систем Дискавер, со навигација, потоа систем за пристап и старт без клуч, говорен асистент ИДА, избор на програма за возење и аларм.

Во верзија со 1,5-литарски ТСИ и 150 КС, со мануелен менувач, Голф Едиција 50 во Германија чини 36.820 евра.

 

Претходна објаваПикапот на Илон Маск од благороден челик ‘рѓосува неблагородно
Следна објаваЏуди Џу готви пилешки крилца на струја од Киа ЕВ6

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here