за

Осум генерации за 50 години: 2024 во Фолксваген целосно во знак на Голф

Голф се појави во 1974 како наследник на Бубата и за кусо време стана предводник на својата класа.

Голф и прототипот ЕА 276. Дизајнот на Џуџаро придонесе за германскиот автомобил да се издвои на сцената, целосно различен од неговата претходничка, Бубата

Фолксваген ја најавува 2024 како Голф-година. За роденденот на иконскиот модел, што доаѓа за само неколку седмици, Волфсбург ќе прикаже освежено издание на актуелната генерација на Голф.

Како почеток на јубилејната година, Фолксваген на салонот за олдтајмери „Ретромобил“ во Париз ќе ја прикаже историјата на моделот, за потоа да следи и настап на Фолксваген Класик на „Бремен Класик Моторшоу“.

Голф е срце на марката Фолксваген – тој се поистоветува со поимот бестселер повеќе од кој било друг модел. Во осумте генерации се произведени повеќе од 37 милиони возила. Волфсбург ќе му оддаде чест на Голф, со тоа што во текот на цела 2024 ќе се организираат настани во знакот на 50-годишнината на моделот.

Голф остави печат во уличната слика и во мобилноста, не само во Германија, туку и во бројни региони ширум светот. Роденденот нема да мине само во знакот на историјата. За завршетокот на јануари, Фолксваген најавува светска премиера на новиот Голф, освежено издание на осмата генерација, којашто треба да донесе уште неколку иновации.

Најуспешниот автомобил во Европа

Голф во 1974 година направи револуција, кога се појави како наследник на легендарната Буба. Моторот сега беше напред, место назад, исто и погонот, а каросеријата се одликуваше со голема приспособливост, со големиот заден поклопец и со соборливата задна клупа.

Секако дека одигра улога и дизајнот потпишан од Џорџето Џуџаро, кој со Голф воведе нов дизајнерски јазик во Фолксваген. Тој дизајн се пренесуваше и на сите следни генерации на моделот.

Голф брзо се докажа како „народен автомобил“, затоа што уште во 1976 година беа продадени првите милион возила. Тоа е најпродаван европски автомобил и најпродаван Фолксваген на сите времиња.

Тоа се дел од заслугите на Голф, за развој на целиот концерн · Сцена од „Фолксвагенова Осма симфонија во МКуБ-мајор“ (Линк)

Понудата од моделски изведби се прошируваше постојано. Голф ГТИ, Кабриолет, Вариант, сите моделски изведби придонесуваа за имиџот на моделот да продолжи да зајакнува.

Бројни нови технологии стануваа достапни за поширокиот круг купувачи преку Голф. Тоа важи и за регулираниот катализатор и за системот против блокирање на тркалата при сопирање, но и за воздушните перници и темпоматот, а во поново време и на системите за асистенција, на благиот хибриден погон и на приклучниот хибриден погон.

Новините што Голф ќе ги доживее во славеничката 2024 година се освежувања во изгледот, нови системи за асистенција, нови погонски единици, инфо-забавни системи и софтвер од најнова генерација.

Премиерата ќе се одржи кон завршетокот на јануари, продажбата стартува напролет.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Четворката е голема бројка за Фиат Панда 4х4

Македонскиот пазар ќе ја заврши годината со преку 5.000 нови автомобили