
Според скромните статистички податоци коишто стојат на располагање, македонскиот пазар сепак ќе ја заврши и оваа тешка година за бизнисот и за живеењето, со раст во продажбата на нови возила.
Без податоците за декември, годинава на македонскиот пазар биле регистрирани 4.848 нови патнички и доставни возила. Од нив, 4.213 се патнички автомобили, останатите 625 возила се автомобили за бизнисот, односно лесни товарни возила до 3,5 тони.
Во споредба со истиот период лани, пазарот напредувал за 7,8 проценти. Тоа е мошне извесно дека се должи на кризата со микрочипови, поради која што на испорака на нов автомобил, во времето кога фабриките беа погодени најмногу, неретко се чекаше и по половина година, па и по една година.
Кај патничките автомобили, растот во споредба со единаесетте месеци лани изнесува дури 12,6 проценти (3.741 лани), додека кај доставните возила има пад од 19 проценти.
Само во ноември се продадени 429 нови патнички автомобили, за 43,9 проценти повеќе отколку во ноември 2022 година. Сосем е очигледно во колкава мера кризата со микрочипови го имаше погодено целиот светски пазар кон завршетокот на минатата година.
Раст има и кај доставните возила, што постигнале 61 продажба во ноември, наспроти 47 возила во истиот месец лани.

Најпродавана марка во ноември е Шкода, со 76 возила, следат Тојота со 42 и ланскиот шампион Киа со 38 возила, а исто толку имаат Пежо и Хјундаи.
Кај доставните возила, повеќе од една третина од продажбата отпаѓа на Фиат, со 21 продадено возило во ноември.
Податоците за продажбата по модели ќе бидат достапни наскоро.















