Посетителите на музејот на Volkswagen ќе се радуваат за новиот експонат. Станува збор за VW 1300 Cabriolet, што до крајот на минатата година се возеше по јапонските патишта. Сопственикот Мотокичи Хироно имаше желба својот германски автомобил по долги години служба да го врати кај производителот.
Во средината на јануари во Бремерхафен се вкотви прекуокеански брод. Меѓу товарот што го донесе бродот се наоѓаше Буба кабриолет со десен волан од 1966 година. Како одредиште на култниот модел постар од половина век беше наведен музејот на Volkswagen.
Возилото е подарок од љубител на Буба од Јапонија, наследено од неговиот татко и прв сопственик. Мотокичи Хироно првпат го посетил музејот во 1980-те години и одушевен од збирката уште тогаш решил неговиот кабриолет еден ден да стане дел од истата.
Дамите Теруко Балог-Клаус и Мишико Цимерман, од германско-јапонското здружение за регионот на Волфсбург и Брауншвајг, подготвија свечен прием за кабриолетот во кругот на фабриката на VW. Автомобилот е сочуван совршено, речиси е во оригиналната состојба. Тоа се должи на беспрекорната нега од страна на досегашниот сопственик, кој го возел кабриолетот исклучиво на сончево време. За транспортот на Бубата се погрижи увозникот за марките од групацијата Volkswagen за Јапонија.
Производството на отворената каросериска изведба на Бубата се одвиваше исклучиво во Оснабрик, кај Karmann. Шасијата и моторите пристигаа од Волфсбург. Во фабриката во Долна Саксонија потоа се вршеше зајакнување на подот и се монтираше каросеријата. Произведени се повеќе од 330.000 примероци, кои се испорачуваа на пазарите ширум светот. Последниот примерок си замина од фабриката во почетокот на 1980 година.