Шведската марка има студио во Милано, место „обичен“ салон, и го искористи единствениот амбиент во тој простор, за пред публиката да го изложи Volvo P1800, еден од најомилените и најуубави модели на марката. Поводот беше отворањето на фестивалот Ла Миланезијана.
Во студиото на Volvo во Милано беше поставена изложба наречена Сајмон Темплар, Киното и Митот на автомобилот. Главното место во изложбата секако дека му припадна на Volvo P1800 Coupé Jensen, од историската збирка на модели на италијанскиот огранок на Volvo. Швеѓаните се главни спонзори на Ла Миланезијана, а Volvo P1800, меѓу другото е прочуен по тоа што му беше филмски автомобил на Сер Роџер Мур, во неговата улога на детективот Сајмон Темплар, во серијата „Светецот“.
Прикажувана во повеќе од 80 држави и продуцирана во периодот од 1962 до 1969 година, серијата секако дека имаше придонес за популаризацијата на Volvo, а уште повеќе за единствениот P1800. Шведското купе во бела боја и во изведбата 1800S, се појави дури доцна во серијата, во февруари 1967 година, во епизодата насловена A Diamond Copy.
Врската на Volvo P1800 со Италија е многу посилна отколку што повеќето претпоставуваат. Констуриран во Шведска, дизајниран во Италија, претставен на салонот во Брисел, произведуван во Британија, со САД како најголем пазар за моделот, P1800 е всушност светски автомобил.
Продуцентите на „Светецот“ прво побарале Jaguar да им испорача автомобил за снимањето на британската серија, но таму биле незаинтересирани. Менаџерите во Volvo се покажаа многу повешти во тој поглед
Автомобилот што бил користен за филмските сцени, всушност бил во сопственост на Сер Роџер Мур. Тоа е бел Volvo 1800S, произведен во ноември 1966 во Торсланда. Од опциите биле избрани магленки и дрвен волан. Оригиналната регистерска ознака NUV 648E била издадена во јануари 1967 година во Лондон. Во серијата се користеше познатата таблица ST 1.
Роџер Мур потоа го продал автомобилот на Мартин Бенсон, познат по ликот на Мартин Соло во бондовскиот филм Голдфингер. По уште неколку промени на сопственици и врвна реставрација, автомобилот сега е во сопственост на Volvo Cars.