за

Волво го направи својот прв ван како скандинавска дневна соба на тркала

Кутиестиот автомобил на Волво е осмислен како скандинавска дневна соба на тркала. ЕМ90 е наменет за Кина и Азија, каде што расте побарувачката за луксузни ванови.

Електромоторот од 200 киловати овозможува Волво ЕМ90 да забрза до темпо сто за 8,3 секунди

Првиот луксузен ван на Волво ќе има подобар досег од кој било модел во растечката понуда од електрични возила на шведската марка. ЕМ90 воедно влече корени од еден од најважните модели во 96-годишната историја на Волво.

Ванот со кутиеста каросерија, што е развиван според идејата за скандинавска дневна соба на тркала, наменет е главно за Кина и Азија, каде што скапите ванови наидуваат на сé поголема побарувачка.

Волво засега нема намера да го продава ЕМ90 во Европа и САД, затоа што минивановите тука одамна не се продаваат со динамиката што ја имаа во некои далечни времиња.

Премиум марките во Европа сепак почнуваат да го враќаат интересот за овој дел од пазарот. Лексус во април најави дека првпат во тукашната моделска постава ќе го вклучи ванот ЛМ. Негов главен соперник е токму Мерцедес-Бенц В-Класа, во сегментот на премиум ванови.

Најголем досег меѓу сите електрични модели во понудата на Волво

ЕМ90, којшто во саботата ја имаше својата светска премиера во Шангај, минува до 738 километри со полна батерија, според нормите што важат во Кина.

И покрај тоа што досегот според кинеските норми е за десетина километри подолг во споредба со светските норми, според независни анализи, ЕМ90 и во тој случај ќе располага со преку 660 километри досег. Тоа е повеќе и од актуелниот знаменосец на Волво, СУВ-моделот Е-Икс90.

Новиот модел на Волво во кратки црти

  • Волво ЕМ90
  • Почеток на нарачки: 12-ти ноември (во Кина, засега нема намера за возилото да се продава во Европа и во САД)
  • Почеток на испорака: Прво тромесечје од 2024
  • Цена: 818.000 јуани ($112.330/105/000 евра)
  • Моќност: 200 киловати (268 КС) и вртежен момент од 343 њутнметри
  • Досег: 738 километри (кинески норми)
  • Потрошувачка: 17,2 киловатчасови на 100 километри
  • Големина на батерија: 116 киловатчасови (109 корисна)
  • Производител на батеријата: ЦАТЛ
  • Највисока брзина: 180 километри на час
  • Забрзување до 100 километри на час 8,3 секунди

За долгиот досег на ЕМ90 има најголема заслуга батеријата од ЦАТЛ со големина од 116 киловатчасови. Полнењето од 10 до 80 проценти трае 28 минути. Е-Икс90 исто така користи батерија од ЦАТЛ, но нејзината големина е 111 киловатчасови.

Електромоторот со моќност од 200 киловати (272 КС) овозможува ванот да забрза до темпо сто за 8,3 секунди.

Расте гамата од електрични модели на Волво

ЕМ90 е третиот целосно електричен модел што Волво го лансира во последните 12 месеци. Офанзивата ја повлече Е-Икс90 во минатиот ноември, по што во јуни годинава следеше најмалиот модел во целата понуда на Волво, СУВ-моделот Е-Икс30.

Волво најави дека секоја година до 2025 ќе пушта во продажба по еден нов целосно електричен модел. ЕМ90 се појавува надвор од тој редослед, но тоа не значи дека Волво в година ќе остане без премиера. За 2024 година исто така е планирано да се пушти во продажба уште еден нов целосно електричен модел.

Швеѓаните очекуваат дека целосно електричните модели ќе учествуваат со половина во планираната вкупна продажба од 1,2 милион возила во 2035 година. До 2030 година, Волво планира да произведува само електрични возила.

Два автомобила во едно

Волво го цени својот ЕМ90 како возило за повеќе намени (МПВ). Моделот претставува уште една пресвртница за шведската марка, иако основата на возилото е мошне слична со Дует, автомобил што Волво го претстави пред 70 години.

Волво Дует од 1953 година беше развиен со цел да понуди приспособливост и простор, многу години пред браншата да почне да ги двои овие возила во посебен сегмент, на МПВ, повеќенаменски возила.

Волво Дует од 1953 година беше развиен како повеќестран и просторен автомобил, уште долго пред браншата да почне да зборува за МПВ-возила како посебен сегмент

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Дует послужил како инспирација за долгата серија комби-модели на Волво. Токму овие модели беа главно обележје на понудата на марката, пред да настапи ерата на СУВ-моделите. Во моментов тие ја предводат продажбата на Волво.

Кога го пушти во продажба својот Дует, Волво нагласуваше дека тоа е одговор за купувачите што бараат практичен службен автомобил што ќе го користат за бизнис и за купувачите што бараат просторен семеен автомоби, што во деновите кога се оди на кампување можат да се претворат во простор за преноќување. Оттаму и изборот на името Дует, со идеја да се понудат „два автомобили“ во едно.

Систем за потиснување на бучавата

Волво ја примени истата идеја кај ЕМ90 и посочува дека автомобилот може да се користи за семејни патувања, но може да послужи и како канцеларија на тркала. За во внатрешноста да биде колку може потивко, ЕМ90 ќе понуди висока технологија за звучна изолација на кабината, систем за потиснување на несаканите звуци од патот, воздушна суспензија со две комори и гуми со намалена бучава.

Волво најави дека системот за потиснување на звуците ќе го понуди подоцна, како софтвер што ќе може да се вчита исто како што се обновуваат апликациите на телефон.

Додека возачот има пред себе дигитални инструменти со пречник од 15,4 инчи, патниците на задните седишта можат да ги гледаат саканите забавни содржини или информации на дисплеј од 15,6 инчи, што се спушта од покривот. Секако дека истиот дисплеј е замислено да се користи и за видео конференција.

„Со обично притискање копче или со говорна команда, внатрешносста на ЕМ90 може лесно да се претвори во театар, конференциска соба, па дури и во лежај“, опишува Волво во соопштението.

Исто како Е-Икс90, ЕМ90 е опремен со хадрвер што овозможува двонасочно полнење. Оваа технологија овозможува батеријата во возилото да се користи како акумулатор за снабдување со енергија на други електрични автомобили или на обични електрични потрошувачи од домаќинството.

Бавно напредува продажбата во Кина

Волво посочи дека МПВ-сегментот во Кина денес е релативно мал, меѓутоа е важен сегмент. Продажбата на МПВ-модели во првата половина од годината имаше најголем раст од сите сегменти, со 26 проценти плус и вкупно продадени 484.000 возила.

Волво, којшто припаѓа на кинескиот холдинг Џили, бара начини да ја забрза продажбата на најголемиот автомобилски пазар во светот.

Во октомври, марката продаде 15.041 возила во Кина, исто колку лани. Наспроти тоа, пазарот на Волво во САД напредуваше за 19 и во Европа за 13 проценти.

Од јануари до октомври, Волво во Кина продаде за 5 проценти повеќе возила. За споредба, европската продажба во десетте месеци постигна раст од 24 проценти, односно 27 проценти во САД.

ЕМ90 ќе се произведува во фабриката на концернот Џили во заливот Ханџоу, Кина

Во истата фабрика се произведуваат премиум ванот Зикр 009 и спорсткото комби Зикр 001, исто како и премиум СУВ-моделот од средна класа Полстар 4. Сите овие модели се контструирани врз платформата СЕА на Џили.

Миниванот со три реда седишта Зикр 009 почна да се продава во Кина во јануари. Зикр првично не планираше да го понуди 009 во Европа, меѓутоа сега се размислува дали и тој да се приклучи во понудата од модели за европскиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мотоцентар и РСБСП: Да ја победиме сообраќајната некултура

Директорите во Мерцедес добиваат службени електрични автомобили