Електричниот погон за Volvo не е само нов вид на погон, туку и основа за воведување сосем нов дизајн. Volvo Concept Recharge го покажува правецот во којшто ќе се движи дизајнот на новата генерација целосно електрични модели. Концептното возило ја следи традицијата на скандинавски дизајн и на мотото „помалку, но подобро“.
Замената на моторот со внатрешно согорување со електромотор им отвори нова можност на дизајнерите на Volvo да осмислат сосем нов изглед на автомобилите. Заедно со новиот изглед одат и многу поголема кабина, како и фантастично низок коефициент на отпор на воздухот. Според шведските дизајнери, резултатот е возило што нуди бројни нови и подобри решенија, кои овозможуваат семејниот живот полесно да се ориентира според животната средина.
Првата генерација електрични модели на Volvo, конкретно XC40 P8 Recharge, користи иста подна група со моделите со обичен погон. Поради тоа се прават компромиси во пропорциите на возилото и во просторноста на кабината, за да се сместат батериите или да се остави доволно простор за мотор со внатрешно согорување.
https://photos.app.goo.gl/AE4j16U3UUWva8XS6
Следната генерација целосно електрични модели на Volvo, со СУВ како прв модел од таа генерација што ќе поседува платформа развиена само за електричен погон, ќе се разликува. Идниот електричен СУВ ќе располага со рамен под, со батерија под него. Бидејќи нема мотор со внатрешно согорување, меѓуоскиното растојание расте „на максимум“, додека каросериските превиси напред и назад се донесуваат на минимум. Големи тркала исто така не се проблем. Од тоа произлегува многу попросторна кабина, особено меѓу предните седишта.
Предните седишта кај Volvo Concept Recharge се потпираат на една нога и се раскошно димензионирани, а кај задните седишта се забележува уште поголема посветеност на луксузот и комоцијата. Сето тоа е резултат од изобилството од простор во кабината. Во исто време, покривот има аеродинамички оптимирана линија, што заедно со ниската хауба овозможува исклучително низок отпор на воздух – со нагласок дека тука сепак станува збор за СУВ. Добрата аеродинамичност е добра за ефикасноста на погонот, а со тоа и за постигнување долг досег. Високото седење што го обожуваат возачите на СУВ, останува и кај Concept Recharge.
Помалку е повеќе: Новиот дизајнерски говор на Volvo
Volvo со овој концептен автомобил го прикажува новиот дизајнерки говор на марката. Според мотото „помалку, но подобро“, отстранети се сите непотребни елементи. Тоа што е останато, се спојува мазно и изработено е со врвна прецизност.
Класичната маска е заменета со структура во форма на штит. „Чеканот на Тор“, кој со години е заштитен знак на марката и се препознава во графиката на светлата, секако дека продолжува и во новата генерација модели, но во малку видоизменета форма. Назад се забележуваат типичните вертикални светла, кои исто така имаат нова форма, но и досега невидена функција. Тие се издолжуваат при повисока брзина и на тој начин ја подобруваат аеродинамичноста.
https://photos.app.goo.gl/vm2oqmg2FoKpPZiR6
Дизајнерот Робин Пејџ особено се радува за ентериерот: „Внатре постигнавме атмосфера на вистинска скандинавска дневна соба. Нашата најнова техника за ракување, тука се соединува со одржливи и природни материјали. Секој елемент претставува своевидно уметничко дело и би функционирало и како посебен дел од мебелот во некоја просторија.“
Важна тема кај Volvo Concept Recharge, а со тоа и кај следната генерација модели, претставува автопилотираното возење. На покривот на концептниот автомобил се забележува сензор LiDAR, развиен од Luminar. Овој систем од уреди обезбедува податоци за околината на возилото и претставува срце на новата техника за автономно возење на Volvo.
https://photos.app.goo.gl/5WLgHK6edSgUYxYJA
https://photos.app.goo.gl/LqeULwFKYwzdE8yw8
https://photos.app.goo.gl/8s2EdqfZC4FhJwmp6
https://photos.app.goo.gl/3eS2tiTnhU1SSJba6
https://photos.app.goo.gl/1SarF21yAtvv7bjd6
















