за

Секој петти инженер на BMW доаѓа на работа со велосипед

Вработените во BMW сé почесто користат велосипед до работното место. Баварскиот концерн моментно им изнајмува велосипеди на 11.500 вработени во Германија.

Групацијата BMW со децении ги потпомага своите вработени да користат велосипед за патување до работното место. Возењето на две тркала сепак не е новина во BMW, групацијата има долга и вредна традиција на мотоцикли. Бројките околу користењето велосипед се пријатно изненадување.

Студија на Универзитетот за применети науки во Франкфурт покажа дека постојано се зголемува бројот на вработени во Германија, што користат велосипед за да пристигнат до работното место. Додека во 2019 година, тоа го практикувале 8,8 проценти од испитаниците, овој удел лани се искачил на 9,3 проценти. По пандемијата, 10,3% од испитаниците сакаат да возат велосипед до работа.

Веродостојноста на овие податоци се потврдува со интерната статистика на BMW. Во фабриката во Минхен, во март дури 14% од вработените во сите смени користеле велосипед за патување до работното место. Вртењето педали е уште повеќе практика во центарот за истражување и иновации во северниот дел на Минхен. Во центарот FIZ, дури 20% од вработените пристигаат со велосипед во текот на летото. Дури и во зимо, уделот е над 10 проценти. Примерот се следи глобално. Во фабриките во Оксфорд, Хамс Хол и Гудвуд (Rolls-Royce), уделот изнесува 10%, додека во фабриката во Штаерска, Австрија, 15% од персоналот патуваат со велосипед.

BMW воведе нови стандарди во изнајмувањето службен велосипед

BMW LeaseRad стартуваше во септември 2018 година, како прв проект на производител на автомобили во Германија, што на вработените им понуди лизинг на велосипед. Групацијата моментно изнајмува 11.500 велосипеди на своите вработени. Многу е едноставно: Вработените можат да изберат каков било велосипед во 5.500 продавници што се дел од проектот, и да го отплаќаат велосипедот во период од три години, под посебни поволности што ги има договорено BMW со синџирот продавници за велосипеди. BMW исто така има врвни велосипеди во својата понуда.

Пример за инфраструктурата во развојниот центaр FIZ: Таму неодамна беа поставени дополнителни 1.000 држачи за велосипеди. Во новиот огранок на FIZ во северниот дел на Минхен, работат уште 4.500 врвни техничари. За нив да им се овозможи поголема комоција кога пристигаат на работа со велосипед, во центарот се поставени 500 ормани, тушеви и кабини за пресоблекување.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Здружението на велосипедисти на BMW, основано во 1978 година, неодамна му додели сино-бело трико на извршниот директор на групацијата, на хер Оливер Ципсе. Првиот човек на BMW коментира: „Возењето велосипед причинува задоволство и добива сé поважна улога, особено во урбаната мобилност. Возењето велосипед е добро за здравјето и за животната средина – поради тоа, BMW Group и во иднина ќе обезбедува соодевтни услови, за нашите работнички и работници да можат да пристигаат на работа и со велосипед“.

>>> BMW ги советува вработените да доаѓаат со е-велосипед

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вака изгледа првиот модел на Volvo од следната генерација

Батерија од 420 kWh и електромотор од 400 kW за Mercedes eActros