за

Бубата не заминува: Ќе вози и на струја

фолксваген буба, волтајмер нас

Мала фирма во Германија нуди преработка на буба во електричен автомобил. Тоа би чинело колку нов Mercedes C-Class, но уживањето е друго. Voltimer е дури и многу поевтин од конкуренцијата

Комичните ситуации се во редовниот репертоар, каде и да се појави овој автомобил. Друго и не може да се очекува, кога на најпознатиот автомобил во светот ќе му се одземе звукот, којшто е исто толку препознатлив колку изгледот. А, звукот недостига, затоа што оваа буба вози електрично, тивко, без карактеристичното брмчење на воздушно ладениот боксер.

Тим од германски техно-авантуристи и ретро-визионери, изработе прототип од когошто треба да произлезе идната мини серија буби со погон на струја. Името Voltimer не остава простор за сомнеж околу дејноста на оваа фирма, основана пред една година. Нејзиното седиште е во Блауштајн, во близина на Улм. Планот е да се увезуваат класичарите на Volkswagen – бубата и двете први генерации на транспортерот „були“ – и истите да се префрлуваат на електричен погон.

Voltimer најде пропуст во системот: Тие ги увезуваат бубите од Бразил или Мексико, многу поевтино отколку во Европа

Тимот на Voltimer се надева дека ќе постои доволен број платежно способни љубители на бубата и на були, коишто ќе сакаат старите автомобили да ги возат со модерен погон. Секако дека во Германија постојат уште голем број работилници коишто се специјализирани за префрлување на стари автомобили на електричен погон, вклучувајќи ја и бубата. Но, ентузијастите во Voltimer најдоа „пропуст во системот“.

фолксваген буба, волтајмер

Старите и добро сочувани буби се неверојатно скапи во Европа, а згора на тоа и вредноста им расте нагло. Решението за тоа беше автомобилите да се увезуваат од Бразил, Мексико, но и од Грција, кадешто каросеријата е изложена на многу поблаги атмосферски влијанија.

Очигледно дека една од целите била да се постигне колку е можно пониска крајна цена за преработката. Освен со увозот од Бразил, цената ќе се намали и преку користењето стандардни компоненти. На пример, во сите возила ќе се вградува иста алуминиумска кутија за батеријата.

Купувачите би чекале само четири недели додека биде готова преработката на буба во електрична буба

За преработката на буба во електричен автомобил биле потребни три месеци. На местото на боксерот е вграден стандарден електромотор – исто така со воздушно ладење. Системот за полнење и контролната единица се сместени напред, водено ладената батерија се наоѓа зад клупата. За познавачите на бубата не е тајна дека отстранувањето на моторот е „работа за две минути“. Многу повеќе работа и стручност бара поставувањето на каблите. Оригиналниот менувач останува, затоа што во спротивно би требало да се менува и целата задна оска. За возење се доволни само третиот степен на пренос и рикверцот.

фолксваген були, волтајмер

Електромоторот во прототипот – кој инаку е редок примерок од специјалната сребрена серија по повод дваесетмилионскиот примерок, од 1982 година – располага со 28 киловати или 38 КС. Енергијата пристига од четири батерии. Тоа се стари батерии од Tesla, секоја со капацитет од по 5,3 киловатчасови.

Причина за буба да се префрли на електричен погон: Кабината почнува да се загрева за 30 секунди, што кај оригиналот не успева ниту по 30 минути

Батериите може да се полнат исто како кај секој друг електромобил, на станица со полначи. Разликата е во тоа што сопствениот полнач во возилото е предвиден за „домашни“ 3 киловати. За целосно полнење се потребни четири и пол часови. Потрошувачката на струја на сто километри изнесува околу 11,5 киловатчасови, што исто така е вообичаена вредност.

Спринтот до 50 km/h изнесува околу пет секунди. За автомобил што нема серво сопирачки, тоа е веќе пребрзо. Идејата е во возењето да се ужива на друг начин, спокојно и со еколошки чиста совест зад воланот – во автомобил што е најверојатно дека ќе биде стар околу половина век.

Купувачите ќе можат да избираат меѓу две изведби, City и Country. Разликата е во моќноста на електромоторот, бројот на батерии, во контролната електроника и во полначот. City е поевтината варијанта, со две место со четири батерии, и поради тоа со досег од само 70 километри. Со додавање батерии, досегот може да се зголеми максимално на 400 километри. Покрај тоа и електромоторот е послаб и располага со 15 киловати. Рекуперацијата на енергијата се одвива само при сопирање, додека во поскапата варијанта, тоа се случува при секое отпуштање на „педалот за гас“. Цената во секој случај заслужува внимание, иако е јасно дека не може да се очекува таа да биде како на обичен автомобил од салон. City чини околу 30.000 евра, за Country се потребни 8.500 евра повеќе.

Некои добро сочувани примероци на бубата со обичен мотор се нудат за исто толку пари. Како опција се нуди генератор на звук, за на фановите да не им недостига карактеристичното „боксување“ дури и кога погонот е на струја.

https://youtu.be/9Pi3Fs6xHo4

Volkswagen ја испраќа „бубата“ во музеј – повторно

Како Британците пропуштија да ја присвојат „бубата“ на Volkswagen

Најсочуваниот Volkswagen Beetle има поминато само 90 километри>

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot 508, premiera Makedonija

Peugeot 508 премиерно пред македонската публика

Lotus Mark I 1948

Lotus во потрага по првиот автомобил на основачот Колин Чепмен