Господин Бернд Перфелц ги знае сите, до детал: Trabant, Polo, Golf, Golf Variant, Passat, а сега и електричниот ID.3. Тој е технички референт во фабриката на Volkswagen во Цвикау, кој таму се вработува на 17-годишна возраст во 1972 година.
Вработен во фабриката на Volkswagen во Цвикау, со стаж од близу половина век, раскажува за историјата на оваа важна производствена локација на концернот. Фабриката во Цвикау e прва во Европа, што произведува само електрични автомобили. Бернд Перфелц се сеќава на старите времиња на работната позиција на која што се полни течност во системот за сопирање: „ID.3 повторно има барабан сопирачки. Trabant исто имаше таков вид сопирачки“, се смешка техничарот. Секако дека тој знае за технолошкиот напредок што е постигнат оттогаш, но се радува што повторно среќава таков дел кај новиот електричен модел на Volkswagen.
Уште неговиот татко работел во техничкото одделение на Horch, една од марките од кои произлегува прво Auto Union, а денес Audi. Бернд Перфелц почнува да се квалификува во 1972 година и по две години станува квалификуван работник во тогашниот Заксенринг Цвикау, производителот на Trabant: „Тогаш работеа 10.000 лица во три фабрики. Една за основна монтажа на Trabant 601, една за лакирање и една за завршна монтажа. Во две смени се изработуваа по 700 примероци од Trabant во еден ден. Тоа беше недоволно. Познато е дека во ДДР се чекаше подолго од десет години за испорака на нов автомобил.“
Во 1980 година, Перфелц го презема раководството со работилницата за електроника. Во тоа време, во фабриката инвестира Citroen и почнува со производство на зглобни вратила. Германецот тогаш добива унапредување и одговорен е за управувањето со машините во фабриката, ги одржува и ги поправа, честопати и ноќе.
Volkswagen уште пред обединувањето произведуваше делови и мотори во тогашна во Источна Германија
Во 1988 година почнува производство на Trabant со четиритактен мотор. „Него го произведувавме уште во 1990 година, на заедничка линија со Polo“, се сеќава Перфелц. Ова историско поглавје се однесува во времето кога шеф на концернот Volkswagen беше Карл Хан, родум од Хемниц. За време на неговата служба во 1980-те години, Хан организирал производство на делови за Volkswagen во Источна Германија. Тогаш почнува лиценцно производство на модерни бензински мотори во Хемниц. Овие мотори се вградуваат во Polo, а од мај 1990 и во Trabant 1.1. Подоцна стартува и изработка на каросерии за Polo.
https://photos.app.goo.gl/N8qpYybC75i9m929A
Потоа следеше обединувањето на двете Германии. Перфолц за тоа ќе каже: „Добивме огромна мотивација во фабриката, кај сите колеги. Конечно можевме да произведуваме автомобили какви што се бараа во целиот свет.“
Во 1991 година, концернот почнува да гради целосно нова фабрика во Мозел, во близина на Цвикау. На празна полјана. Две години подоцна, оттаму излегува Golf III. „Тоа беше различна категорија од Polo. Сé беше поголемо, а во Golf имаше и повеќе делови за вградување.“
Нашиот раскажувач исто се сели на работа во Sächsischen Automobil GmbH, на позиција на координатор на регулациска техника. Фабриката во Мозел е комплетно завршена во 1995 година, по што почнува производството на Passat. Малку подоцна, Golf се враќа во Мозел, каде што се произведува во генерациите Golf V, Golf VI, Golf VII и како Golf Variant.
Причината зошто Хер Перфелц уште не е во пензија: „Морав да го доживеам ID“
Во Цвикау се произведоа првите примероци од ID.3. Бернд Перфелц доживеа уште една премиера во фабриката. Тој денес работи како технички референт и заедно со својот тим ја регулира целата транспортна и автоматизациска техника во производствената хала за ID.3. Перфелц склучува договори за одржување, нарачува резервни делови, се грижи околу резервите, околу оптоварливоста и подготвеноста за интервенција во секое време од денот.
Во фабриката во Цвикау дневно ќе се произведуваат по 1.500 примероци од ID.3. „Електричниот погон навистина одушевува“, вели Перфелц. Тој се гордее што неговата фабрика е прва во Европа што произведува само електрични возила.
Техничарот веќе требаше да се подготвува за пензија, но „морав да го доживеам ID“, коментира тој искрено. Пензионирањето ќе следи во 2021 година: „Тогаш и ќе си купам еден ID.“
>>> Електричен рекордер: Volkswagen ID.3 без пауза од Цвикау до Швајцарија

















