Концернот Volkswagen лани постигнал голем напредок во снабдувањето на своите фабрики со струја од обновливи извори. За една година, тој удел во ЕУ бил зголемен од 80 на 95 проценти. Исто има напредок и во Кина, од 76 на 91 проценти. Целта е до 2023 година до сите фабрики во ЕУ да се дистрибуира 100% струја од обновливи извори.
Во текот на минатата година, осум фабрики во ЕУ и уште две фабрики надвор од ЕУ биле комплетно префрлени на струја од обновливи извори. Станува збор за фабриките на Audi во Ѓер / Унгарија, за фабриката на Volkswagen во Палмела / Португалија, како и за фабрики на Bugatti, Skoda, SITECH, MAN Truck&Bus и MAN Energy Solutions. Годинава следи истиот чекор во уште неколку фабрики во Германија.
Сето тоа е дел од трансформацијата на концернот Volkswagen во компанија што е неутрална во однос на емисијата на СО2. Снабдувањето со струја од обновливи извори е клучен дел во севкупната стратегија за декарбонизација. Во рамките на енергетската пресвртница ќе бидат опфатени и фабриките во Кина, како и сопственото производство на енергија во кругот на фабриките на Volkswagen.
Од сета струја што концернот ја искористил лани, дури 46 проценти била струја од обновливи извори. Тоа е за 5 проценти повеќе отколку преклани. Моментно е голем предизвикот да се смали емисијата на СО2 во кинеските фабрики, каде што јагленот има висок удел во производството на енергија. Дополнителен проблем таму претставува и строго регулираниот енергетски пазар.