за

Volkswagen петкратно ја зголеми заработката лани

Намалена продажба, а зголемена заработка на марката Volkswagen лани? Одговорот е во видот на автомобилите што се продавале.

Матичната марка на концернот Volkswagen во минатата година постигна значителен напредок во деловното работење и покрај проблемите од кризата со чипови. Иако продажбата на автомобили се намали во одредена мера, главно поради недостигот од чипови за браншата, Волфсбург ја зголеми заработката за повеќе од петпати, на 2,5 милијарди евра.

Во првата година од пандемијата, во 2020 година, на марката Volkswagen ѝ остана заработка од 454 милиони евра. Лани, оперативната заработка се зголеми за повеќе од петпати. Прометот на автомобилската марка се зголеми од 71,1 на 76,1 милијарди евра. Во исто време, продажбата се намали од 2.835.000 возила на 2.719.000 возила. Во рамките на матичната марка на концернот спаѓаат и комерцијалните возила, коишто се водат под Volkswagen Nutzfahrzeuge. По загубата од 454 милиони евра во 2020 година, лани бизнисот на марката од Хановер се врати во зоната на добивка, со 73 милиони евра.

Во извештајот од деловното работење на најголемата автомобилска групација во Европа е наведено и дека бизнисот уште е под влијание на пандемијата. Поголем проблем сепак преставувала „ограничената достапност на возилата, како последица од недостигот од полупроводници“. Тоа, впрочем, претставува проблем со којшто се соочува целата бранша.

Зголемениот промет при намалена продажба на Volkswagen укажува на тоа дека се зголемил уделот во продажбата на возилата од повисокиот ценовен сегмент, вклучувајќи ги и електричните автомобили

Поради кусокот од чипови, повторно се откажуваа смени во фабриките како во 2020 година или се воведуваше скусено работно време. Volkswagen очеува дека недостигот од електронски компоненти ќе трае најмалку до втората половина од годината. Купувачите морааат долго да чекаат за нивното возило да се испорача. Постои и привремен прекин во нарачките за одредени модели.

Објавени се и првичните резултати за целиот концерн. Исто како конкурентите BMW, Mercedes-Benz или Stellantis, на концернот Volkswagen му успеа да ја зголеми нето заработката и покрај проблемите во набавката на чипови. Растот, конретно, изнесува три четвртини, вкупно 15,4 милијарди евра. Прометот порасна за 12,3 проценти, на 250,2 милијарди евра, и покрај купувањето на американската марка камиони Navistar.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Volvo во САД: Автомобилот на полнач, возачите во Starbucks

Audi A6 Avant e-tron concept: Полнење со 270 kW