Во кантините во фабриките на Volkswagen, на фудбалските мечеви на Волфсбург, но и на штандовите на германската марка на салоните на автомобили, со години беше сосем вообичаено да се побара „Volkswagen Curry-Wurst“.
Омилениот колбас од сопствено производство на Volkswagen ќе исчезне од менито на германскиот производител. Тоа засега важи само за ресторанот во висококатницата во Волфсбург, во којашто се наоѓа управата на Volkswagen. Кога луѓето ќе се вратат на работните места по завршувањето на летните одмори, кари-колбасот повеќе нема да се наоѓа на менито.
Во околу 150 рецепти што се нудат во фабричката кантина ќе отсуствува месо. Во објавите на германските медиуми се наведува информација од Volkswagen, според којашто голем број вработени барале вегатаријански или вегански замени. Со новата определба воедно се почитува и одржливоста, затоа што со смалувањето на потрошувачката на месо се придонесува за животната средина. Во фабриката во Хановер веќе е успешно спроведен новиот концепт.
Ова ќе биде одлична можност да се провери колку вработените навистина се сериозни околу менувањето на исхраната. Во кантина што е оддалечена само неколку метри и се наоѓа од другата страна на улицата, кари-колбасите од сопствено производство, од фабричката месарница, ќе бидат и натаму на секојдневното мени.
„Оригиналниот дел“ на Volkswagen, оригинален затоа што е кодиран исто како и секој резервен дел од концернот, со шифра 199 398 500 A, се наоѓа во понудата на Volkswagen уште од 1974 година. Истиот се произведува според тајна рецептура. Пред корона, значи во 2019 година, беа произведени вкупно седум милиони кари-колбаси. Заедно со нив биле послужени и 550 тони кечап.
>>> Советот на Volkswagen заседаваше поради кари-колбасите

















