за

Америка почнува со производство на Volkswagen ID.4 наесен

Електричниот СУВ на Volkswagen одамна се продава во САД. Германскиот концерн наскоро ќе започне и локално да го произведува ID.4 за големиот пазар.

Volkswagen ID.4 засега се испорачува за американскиот пазар од фабриката во Цвикау. По завршувањето на летните одмори, електричниот СУВ-модел ќе почне да излегува и од фабриката во Чатануга. Американската изведба на ID.4 сепак ќе се разликува во неколку детали од европскиот модел.

Volkswagen првпат објави конкретен датум за почетокот на производството на ID.4 во САД. Фабриката во Чатануга веќе стартуваше со претсериско производство на ID.4, а редовното сериско производство се очекува да започне во септември или октомври. Овој стратешки чекор треба да придонесе за скусување на времето на чекање за испорака на моделот, што стартуваше со продажба лани. Количините што се испорачуваат од Европа, недоволни се за покривање на побарувачката за моделот во САД.

Во текот на минатата година на американскиот пазар беа продадени 16.752 примероци од ID.4. Според менаџментот на американскиот огранок на VW, продажбата можеше да биде четирипати повисока. Тамошните салони на германската марка бележат заинтересираност на купувачите за електричниот ID.4, каква што последен пат имало во 1998 година, при стартот на новата генерација на VW Beetle. Досега има 40.000 резервации за моделот, од кои само дел се реализирани.

Американскиот Passat ќе му отстапи место на Volkswagen ID.4

Производството на Volkswagen ID.4 за Европа и за Америка се одвива исклучиво во фабриката во Цвикау, каде што се произведуваат и ID.3, ID.5, како и Audi Q4 e-tron и  Cupra Born. Моментно има само во Кина се одвива локално производство на електричниот СУВ. Место за новиот модел во фабриката во Чатануга, САД, ќе се ослободи откако Volkswagen ќе престане со производство на американската верзија на Passat во текот на годинава.

New item by Automedia MK / Google Photos

Volkswagen ќе вградува различна батерија во американскиот модел. За разлика од европската верзија, што користи батерија од LG, локално произведените ID.4 за САД ќе поседуваат батерија од SK Innovation (SKI) со незначително сменета хемија во ќелиите. Средишната конзола исто така ќе се разликува, за повеќе да одтовара на американскиот стил. Обемот на промените сепак е незначителен, моделите за Европа и за САД ќе бидат 96 проценти идентични.

Американското производство ќе донесе и растоварување во Цвикау, што ќе води и до скусување на времето на чекање. Напролет, ID.4 ќе стартува со производство и во фабриката во Емден.

>>> Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германците се најсреќни ако работат за Mercedes-Benz

Kia со рекордна година во САД, првпат над 700.000 возила