за

Расте електричното семејство на Volkswagen: ID.4 во Порше

Сите се изненадени од електричниот погон, без исклучоци. Електричниот Volkswagen ID.4 стартува со продажба во Македонија побрзо отколку што се очекуваше.

Погонот на струја веќе е солидно „вдомен“ во Порше Македонија. Volkswagen ID.3 имаше важна премиера за целата сцена, исто толку беа важни и турбополначите пред салоните на марките од концернот, менаџерите откриваат дека и интересот за моделите е сосем солиден. Во таква средина, појавувањето на ID.4, втор модел во Македонија што е базиран врз платформата MEB, сосем е нормално.

Нема повеќе никакви тајни, мистерии и заговори, а уште помалку ги има оние злонамерни или наивни тврдења дека електричниот погон е штетен, скап, бесмислен, лош за животната средина. Електричните автомобили се реалност и тие веќе пристигаат како сосем „нормален“ моделски новитет во салоните на македонските увозници. Таква е ситуацијата барем во Порше Македонија, што заедно со уште неколку моќни компании од браншата вложија и преземаат чекори во таа насока.

ID.4 е прв СУВ што е конструиран врз електричната платформа MEB на Volkswagen, што е наменета за сите модели, освен за премиум-крстосувачите на Audi, Porsche & Co. Значи станува збор за модуларна погонска техника, со електромотори, батерии, трансформаторски секции, погонска електроника, преносни механизми што се заеднички за сите модели врз таа платформа.

New item by Automedia MK / Google Photos

ID.3, кого што светот уште одамна го препознава како „електричен“ Golf од новата генерација, беше прв од семејството модели ID, што стартуваше со продажба во Македонија пролетоска. Само неколку месеци подоцна пристига ID.4, кој спаѓа во компакт класата и во основата му парира на Tiguan. На Tesla Model Y, исто така.

Со растојанието од подлогата од 16 сантиметри, Volkswagen ID.4 ќе освојува нови терени за електричниот погон

Првиот СУВ на Volkswagen и еден од првите модели од овој сегмент на македонскиот пазар воопшто, долг е 4,59 метри, широк е 1,85 метар и висок е 1,61 метар. Меѓуоскиното растојание е соодветно раскошно со 277 сантиметри и претставува одлика на самиот електричен погон. Кабината е просторна, седнувањето е СУВ-типично лесно. Растојанието од подлогата од 163 mm е сосем доволно за електричниот погон да почне да освојува нови терени.

Багажникот е на пасат-ниво со 543 стандардни литри и 1.575 литри со соборена клупа. Со возач, ID.4 тежи 1.968 килограми во основната изведба, носивоста е сосем примерна со 512 килограми. За тие што ќе бидат „храбри“ да влечат приколка, Volkswagen вели дека таа смее да тежи до 750 килограми.

New item by Automedia MK / Google Photos

Понудата од погонски изведби се состои од четири варијанти. Првата е ID.4 Pure со електромотор назад со моќност од 109 kW (149 КС) и батерија од 52 kWh, средината ѝ припаѓа на ID.4 Pure Performance со 125 kW (170 КС) и исто така батерија од 52 kWh, врвна понуда е ID.4 Pro Performance со 150 kW (204 КС), но и со батерија од 77 kWh. Четвртата варијанта е GTX, електричен пандан на GTI, со по еден електромотор на оска и со системски 299 КС (задниот електромотор има 109 КС и 162 Nm).

New item by Automedia MK / Google Photos

Досегот во основната изведба Pure изнесува 345 километри и според нашите солидни искуства со ID.3, тоа е мошне веродостоен податок. Доколку се користи полнач од 7,2 kW, батеријата се полни до 100% за 450 минути, при користење брз полнач со 50 kW, времето се скусува на 53 минути до 80%, а во случај да се достапни турбо-полначи, тогаш освежувањето на енергијата до 80% трае само 36 минути. Досегот кај Pro Performance изнесува 522 километри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Ценовникот почнува од 41.709 евра за Volkswagen ID.4 Pure. Македонија нема субвенции за електрични возила, нивното привилегирање се состои единствено во тоа што државата не наплаќа акциза, односно данок на луксуз, кој од минатиот јануари е преименуван во данок за возила. Верзијата ID.4 Pure Performance со екстра перформанси чини 43.118 евра. Со поголема батерија и уште посилен електромотор, ID.4 Pro Performance чини 49.724 евра. Ексклузивната изведба GTX 4Motion чини 55.202 евра.

Екстра-опремата што Порше Македонија ја има издејствувано кај принципалот за да ја нуди како „дилерски стандард“, опфаќа навигациски систем, дисплеј од 10 инчи и 6+1 звучници, кровни шини и украсен страничен панел во сребрена боја уште во основната изведба на Volkswagen ID.4 за Македонија.

New item by Automedia MK / Google Photos

Стандардната опрема понатаму опфаќа самостојно собирање на ретровизорите, диодни светла напред и назад, магленки, алу-тркала од 18 инчи со гуми 235/60 R18, амбиентално осветлување, мултифункциски волан со сензорски полиња, паркинг сензори напред и назад, препознавање замор, самостојно запирање при опасност од судир, препознавање пешак или велосипедист на пат, систем за задржување во лента, камера за знаци, автоматска клима со активен јаглен, гласовни команди, сензор за дожд, приспособлив темпомат, топлинска пумпа.

Посебност е понудата на пакети на опрема во коишто се содржани повеќе слични ставки и истите се нудат со ценовна корист во интерес на купувачот

Посебност во поглед на дополнителната опрема е во тоа што повеќе слични ставки се групирани во логични и чесно скроени пакети, во коишто обично се постигнува ценовна предност во корист на купувачот. Пример е Пакет Комфор, со двозонска контрола на климатизацијата, ламинирано ветробранско стакло со звучна изолација и одбивање на инфрацрвените зраци, со варијабилна средишна конзола со држачи за чаши и прегради, греење на мултифункцискиот волан, греење на прскалките за ветробранот и екстра 2 приклучоци USB-C, по цена за целиот пакет од 1.197 евра.

New item by Automedia MK / Google Photos

Пристигањето на Volkswagen ID.4 е мошне важен чин во поглед на електромобилноста за марката, за концернот и општо за македонскиот пазар. Во услови кога властите повеќе се интересираат да го привилегираат празнењето на автоплацевите со користени возила, додека Европа практично забранува тие возила да се регистрираат, со цел да се поттикне и забрза новата и чиста мобилност, радува тоа што и во Македонија се појавуваат поединци кои ја прифаќаат електромобилноста поради самата електромобилност, не надевајќи се на скоро воведување субвенции или масовно ширење на мрежата од полначи и обезбедување привилегии во возачкото седкојдневие. Кусо, возењето на струја во Македонија станува престиж, иако на возачите на автомобил од семејството ID.3 на Volkswagen веројатно најмалку им е „намерата“ да го пропагираат престижот. Тие едноставно сакаат да уживаат во електричниот погон. И можат да си го дозволат, тоа секако. И прават фантастично многу за електромобилноста во Македонија, тоа сигурно. Нив им благодариме.

Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На авантуристот Меснер му се допаѓа електричното комбе на Opel

Audi Skysphere има каросерија што се развлекува