
Кон завршетокот на десетлетието, според гласините што подолго време кружат низ Волфсбург, се очекува да стартуваат првите модели на Фолксваген врз новата Скалеста Системска Платформа (ССП). Напредната платформа понатаму ќе се користи за сите марки на концернот.
Марката Фолксваген веројатно ќе се придржува кон овој план, иако првиот модел врз платформата ССП веројатно ќе биде друг, место првично планираниот.
Замислата во почетокот беше новата ера на Фолксваген да започне со ИД Голф или ИД Рок. Сега се чини дека Саксонците прво ќе го вратат во игра својот знаменосец. Во 2029 година, како прв модел врз платформата ССП ќе стартува ИД Туарег, се зборува во кругови во браншата.
На Фолксваген му е потребен знаменосец
Наскоро во Братислава ќе заврши производството на големиот СУВ на Фолксваген со мотори со внатрешно согорување. Тековната генерација на Туарег почна да се произведува во 2008 година, и уште одамна беше неопходно да се пушти нова генерација. Во прилог на тоа, оди и фактот што ќе беше прескапо постоечкиот Туарег да се преправа, со цел за да ги исполни стандардите Еуро 7.
Марката е тешко да се замисли без знаменосец. Фолксваген во моментов навистина има слична понуда на модел, со Тајрон, за купувачи на коишто Тигуан им е мал. Но, тој не е вистинска замена за Туарег.
Кусо по веста дека ќе заврши производството на тековната генерација, почнаа да кружат гласини дека е можно Туарег во иднина да биде електричен модел.
Вишата класа донесува висока маржа
Логично е ИД Туарег да добие предимство пред останатите планирани модели врз платформата ССП. Возилата од вишата класа и натаму се модели на коишто се постигнува највисока маржа. На тој начин, ФВ ќе стартува со модел што може да донесе многу пари во касите.
Од друга страна, Фолксваген има доволно време за фабриката во Братислава да ја префрли на новата платформа ССП, по престојниот завршеток на производството на сегашниот Туарег. Во Волфсбург во моментов нема многу време за тоа.
Се одложува преселувањето на Голф во Мексико
Според првичните планови, Фолксваген требаше да влезе во новата ера со платформата ССП, преку електричниот пандан на Т-Рок, ИД Рок, и преку ИД Голф, како наследник на ИД.3. Двата модели е планирано да се произведуваат во матичната фабрика во Волфсбург.
Но, прво мора да се ослободи простор за платформата ССП. За таа цел, Голф со мотори со внатрешно согорување мора да се пресели во Мексико. Воопшто не е едноставно да се избере вистинскиот момент за тој чекор.
Малку е веројатно тоа да се случи кон завршетокот на 2026 година, како што беше планирано првично. Во моментов е добра побарувачката за Голф со мотори со внатрешно согорување, што ја усложнува одлуката за производството да се пресели во Мексико. Тоа мора да се организира добро, за да не се остави празнина на пазарот.
Во внатрешни кругови се зборува дека преселбата на Голф би се одложила во времетраење од шест до 12 месеци. Соодветно на тоа, стартот на производството на модели врз платформата ССП, место во 2029 година ќе се одложи за следното десетлетие.
Развојот на софтверот се одвива според план
Добра вест: Во моментов не постојат никакви изгледи дека ќе се повтори дебаклот со софтверот, поради којшто во минатото беше одложен стартот на неколку важни модели. Развојот на ССП во заедничката компанија со Ривиан се одвива според планот, се зборува во браншата.
Со платформата ЦСП (Скалеста Платформа за Кина) за кинеските модели на Фолксваген, што ќе биде изведена од ССП, би можело да се стартува уште во 2027 година. Истото важи за Ривиан Р2, којшто ќе ја користи истата техника како моделите на Фолксваген.
Дел од таа техника ќе стартува и во сериската изведба на концептниот ИД Еври1, кон завршетокот на 2027 година, иако во тој модел ќе се користат делови од повеќе платформи.

Освен за чисто батериски електрични возила, ССП ќе може да се користи и за модели со продолен досег, односно со мал бензинец што служи како генератор за струја. Можно е Фолксваген да го понуди ИД Туарег и во верзија со продолжен досег. Тоа би можело да ги охрабри нафатираните скептици за електрични автомобили, да се решат за автомобил на струја.
Скаут нема да се продава во Европа
Оваа техника што се води како ЕРЕВ (Екстендед Рејнц Електрик Виакл), Фолксваген ќе ја вградува и во повторно заживеаната марка Скаут од САД, којашто исто така ќе стартува во 2027 година, но само во САД. Оваа марка со богата традиција присуствуваше на штотуку завршениот салон ИАА во Минхен. Според сегашните состојби, нема планови масивните СУВ и пикапи да се продаваат во Европа. Тие возила едноставно се преголеми за тукашните услови.
Отворено е и прашањето, колку е голем пазарот за ИД Туарег надвор од Европа. Фолксваген развива посебни модели за Кина, така што е мала веројатноста ИД Туарег да се извезува таму. САД би можеле да бидат исплатлив пазар. Но, прашање е колку ќе биде рентабилен тој модел, чијшто увоз ќе биде оптоварен со високи царини.
Фолксваген станува пофлексибилен
Фолксваген значително го скуси времетраењето на планирањето. Порано при донесувањето на плановите, што традиционално се случуваше наесен, се решаваше за следните пет години. Шефот на концернот, Оливер Блуме, сега бара да се реагира многу побрзо.















