Престојниот салон на автомобили ИАА Мобилност во Минхен ќе донесе деби на важни модели на Мерцедес, БМВ, Фолксваген и Рено, а секако ќе биде забележливо и силно присуство на кинеските марки, откако тие го пропуштија салонот во Париз лани, по воведувањето на новите царини на ЕУ за увоз на електрични автомобили од Кина.
Ѕвезди на салонот во Минхен, што ги отвора вратите за јавноста на 9-ти септември (еден ден пред тоа е ден за новинари), се електричната изведба на Мерцедес-Бенц ГЛЦ и нејзиниот најсилен соперник БМВ и-Икс-3, којшто е прв модел на Баварците од новата генерација модели Ное Класе.
Марката Фолксваген ќе го прикаже својот нов почетен модел во понудата од електрични автомобили, ИД Поло и неговата СУВ-изведба ИД Крос. Овие два модели го најавуваат почетокот на новиот бран подостапни електрични модели од големоволуменските марки на концернот.
Рено исто така има исклучително важна премиера, тоа е шестата генерација на Клио, од најпродаваниот модел на марката и втор најпродаван автомобил на европскиот пазар од јануари до јули.
На салонот ќе присуствуваат повеќе кинески марки од кога било досега, вклучувајќи ги Би Уај Ди, потоа Липмотор – кинески партнер на Стелантис – и Чанган, коишто притискаат на европскиот пазаr за да ја надоместат штетата од ценовната војна и од прекумерната продукција на нивниот домашен пазар.
Повеќето производители ставаат поголем нагласок на своите штандови на отворено, во центарот на Минхен, додека добавувачите и пратечката индустрија ќе настапуваат со штандови на градското сајмиште.
Главните новитети на ИАА Мобилност 2025 во Минхен
Аито

Кинеската марка што е дел од групацијата Серес, ќе го прикаже автомобилот што го смета како свој прв светски модел, Аито 5, замислен како соперник на Порше Макан. Погонот е посебен поради тоа што користи генератор, односно мотор со внатрешно согорување, што го продолжува досегот кога ќе се испразни батеријата. По еден електромотор назад и напред даваат погон на сите тркала, каросеријата е целосно алуминиумска, целиот покрив е застаклен. Аито се појави уште на салонот во Париз во октомври 2024, меѓутоа продажбата не е отпочната оттогаш.
Ауди

Ауди ќе изложи концепт на спортски автомобил со две седишта, како најава за наследникот на ТТ, што треба да почне со продажба во 2027 година. Концепт Ц е првиот автомобил што го гледа јавноста како дело на новиот дизајнер Масимо Фрашела, кој во 2024 година дојде од Џагјуар Ланд Ровер. Уште не е решено кое име ќе го носи серискиот модел. „ТТ е опција, но овој автомобил е поголем (од претходниот ТТ) и можно е да добие друго име,“ кажа извршниот директор Гернот Делнер при откривањето на концептот во Милано на 2-ри септември.
Вториот новитет на Ауди е Ку-3 Спортбек со приклучен хибриден погон.
БМВ

БМВ го претставува својот прв модел од генерацијата Ное Класе, електричниот СУВ-модел и-Икс-3, како „вистински“ софтверски дефиниран автомобил. Баварците на 5-ти септември го прикажаа својот целосно електричен СУВ од средната класа, што постигнува досег до 800 километри. БМВ вели дека и-Икс-3 е софтверски дефиниран автомобил, затоа што поседува четири „супермозоци“. Секој компјутер е посебно задолжен за возната динамика, за автопилотираното возње, за инфо-забавата и за основните функции.
Процесорската моќ на супермозокот за автопилотирано возење е 20 пати поголема во споредба со сегашниот и-Икс-3. Тоа овозможува возачите на и-Икс-3 „на подолго време да ги тргнат рацете од воланот“, кажува производителот.
Поимот Ное Класе се однесува на новата платформа, што ги одредува конструирањето и технологијата на сите следни модели на БМВ во следните години, како електрични, така и модели со мотори со внатрешно согорување и хибриди. Се предвидува и модел со погон на водород за 2028 година.
БМВ на штандот ќе прикаже маскирана лимузина и3, како следен модел врз платформата Ное Класе, што ќе стартува со продажба кусо по и-Икс-3.
Марката Мини од групацијата БМВ доаѓа со два концепти под името на Џон Купер Воркс со врвни перформанси.
Би Уај Ди

Гигантот во производството на електрични возила доаѓа во Минхен со Сил 06 ДМ-и Туринг, комби од средна класа со приклучен хибриден погон. Тој ќе се трка со Шкода Суперб и Фолксваген Пасат. Возилото го користи погонот Супер Хибрид ДМ (двоен модус), којшто е од сопствен развој. Системот поседува два електромотори, т.н. Блејд-батерии од сопствено производство и мотор од 1,5 литар со 100 КС, како верзија на моторот Шаојун што е развиен специјално за приклучните хибриди на Би Уај Ди (Кинезите го изговараат Бијади).
Би Уај Ди рекламира дека со полна батерија и со полн резервоар може да се вози без престан до 1.350 километри со нивните приклучни хибриди. Батеријата се полни од 30 до 80% за 23 минути.
Постои и лимузина Сил 06, но таа во Европа ќе почне да се продава по комбито. Во Кина е поинаку, прва беше лимузината, потоа Туринг. Таа нема да биде изложена во Минхен.
Чанган

Чанган е кинескиот партнер на Форд и го користи салонот, за технологијата и функциите во своите возила да ги претстави пред европските купувачи. Продажбата почнува годинава на 10 пазари во Европа, меѓу кои Германија, ОК, Норвешка и Данска. Целосно електричниот СУВ-модел Дипал С07 првпат беше прикажан во Европа во март, на настан во Мајнц, Германија.
Купра

Купра, шпанската спортска марка на концернот ФВ, што се издвои од Сеат, за салонот го подготви малечкиот електричен Равал, што ќе се појави маскиран пред публиката. Идниот дизајн на марката го прикажува концептот Тиндаја.
Равал е верзијата на Купра од Фолксваген ИД2 Ол, чијашто сериска изведба ќе ја носи ознаката ИД Поло. Двата модели ќе се произведуваат во Марторел, Шпанија, продажбата почнува во 2026 година. Равал ќе биде поспортски модел, согласно имиџот на марката. Купра објави дека забрзувањето до темпо сто трае 6,9 секунди.
ГАЦ

Гуангџоу Аутомобил Груп, еден од најголемите кинески производители на автомобили, со годишна продажба од преку 2 милиони, прво ќе ги нуди своите модели во Португалија, Полска и ОК. ГАЦ ќе одржи европска премиера на СУВ-моделот Ајон В, којшто го цени како „светски стратешки модел“, и на Ајон комбилимузината УТ. Возилата треба да почнат со испорака во првото тромесечје од 2026 година. Од погонските варијанти се нуди целосно електрична и приклучна хибридна изведба, вклучувајќи ЕВ со продолжен досег, односно генератор.
Киа

Новиот малечок СУВ-модел на Киа со електричен погон, што веројатно ќе ја носи ознаката ЕВ2, во Минхен ќе биде прикажан како концепт. ЕВ2 треба да почнува од околу 30.000 евра на европскиот пазар. Киа соопшти дека батеријата од возилото ќе може да се користи и за надворешни потрошувачи и дека софтверот ќе се обновува преку податочен облак, исто како телефон. Купувачите ќе може да избираат меѓу две големини на батерија, едната е со поевтина хемија и досег до 300 километри, втората со батерија со поскапа хемија и со досег до 450 километри.
Липмотор

Липмотор, кинескиот стартап со електрични возила, каде што Стелантис поседува удел од 20 проценти, во Минхен ќе ја прикаже компактната елеткрична комбилимузина Б05. Техниката веројатно ќе биде истата од компактниот СУВ-модел Б10, што значи електромотор назад и батерија (ЛФП) од 56 или 67 кВч. Таа ќе се натпреварува против Фолксваген ИД.3, Купра Борн и Би Уај Ди Долфин.
Линктур

Уште еден новак во растечкиот сегмент на електричните микровозила е кинеската компанија Линктур, којашто ги има во визир Ситроен Ами, Фиат Тополино и Опел Рокс-е, исто како и Мобилајз Дуо на групацијата Рено. Возилото поседува алуминиумска рамка и батерија што е дел од каросериската школка.
Мерцедес-Бенц

Мерцедес-Бенц не го остава новиот БМВ и-Икс-3 ниту еден ден без силна конкуренција. Швабите доаѓаат во Минхен со ГЛЦ „Со технологија Е Ку“, како што по ново ќе се водат моделите со електричен погон на Мерцедес-Бенц. Со овој модел, марката со сребрената ѕвезда се враќа на пазарот на електрични СУВ-модели од средната класа, откако истиот им го препушти на БМВ и Ауди, по прекинувањето на производството на Е Ку Ц во 2023 година. Голема промена за целата марка носи маската, што ги следи контурите на легендарните С-Класи од 1970-те и 1980-те, меѓутоа е додадена техно-димензија.
Електричниот ГЛЦ – истоимениот модел и бестселер, и натаму ќе се нуди со дизели, бензинци и хибрид – поседува 800-волтна архитектура и со тоа им парира на Порше Макан и на и-Икс-3, првиот БМВ од генерацијата Ное Класе. ГЛЦ со погон на струја и идната верзија на Ц-Класата што исто така ќе користи целосно електричен погон, се први два модели на Штутгарт што се конструирани врз новата платформа МБ.ЕА, наменета за електрични возила.
Во маскирана форма ќе биде прикажан и прототипот на новиот ван ВЛЕ, целосно електричен модел што стартува во 2026 година.
Опел

Опел е единствената марка на Стелантис со штанд во Минхен, каде што преку концептен автомобил ќе ја најави следната генерација на Корса. Концептот е со електричен погон со силна инспирација од мотоспортот и соодветно на тоа располага со моќност од 800 КС. Од ова возило што се води како Корса ГСЕ Вижн Гран Туризмо е развиен и модел што наесен ќе се појави во видео играта Гран Туризмо 7 за Плејстејшн.
Полстар

Полстар е премиум марка на Џили што произведува само електрични автомобили и како новитет ќе го донесе Полстар 5. Тоа е соперник на Порше Тајкан и Ауди ГТ Е-трон, електрични лимузини со врвни перформанси. Произведен во Кина, Полстар 5 подлежи на новите царини за ЕВ во ЕУ. Производителот ги издвојува како предност 800-волтната мрежа (исто колку кај Ауди и Порше), моќноста од 900 КС и алуминиумската каросерија. Извршниот директор Михаел Лошелер, поранешен шеф на Опел, наведува дека високиот напон овозможува батеријата да се наполни за помалку од 20 минути.
Порше

Порше ќе настапи на салонот со маскиран Кајен Електрик. Пред завршетокот на годината, електричниот СУВ ќе биде прикажан целосно. Посебност на Кајен е системот за индуктивно полнење со моќност од 11 киловати, што овозможува батеријата да се полни без кабел, од плоча поставена на земја, преку приемна единица што е вградена во подот на возилото, меѓу предните тркала. Порше напоменува дека е прв производител што го има донесено овој систем систем за полнење до пазарна зрелост.
Уште една важна новина ќе биде деби на врвната изведба во гамата на 911.
Рено

Рено во изминатите години имаше големи премиери на електрични модели, како Рено Сеник, Р5 и Р4, меѓутоа во Минхен ќе биде главен моделот со мотори со внатрешно согорување и голем успех на Рено, градскиот модел Клио. Последното освежување на Клио беше повеќе во насока на изгледот. Новата, шеста генерација на Рено Клио ќе донесе многу порадикални промени.
Шкода
Концептот Шкода Вижн О веројатно е најава за комби изведбата од идната генерација на Октавија, бестселерот на Шкода
Чешката марка на концернот ФВ ќе прикаже комби возило под ознаката Вижн О, што е најава за идната електрична верзија на Октавија, соопшти производителот. Електричното комби може да постигне голем успех на европскиот пазар, затоа што комбито е барана каросериска изведба. Сегашната Октавија со мотори со внатрешно согорување е бестселер на Шкода во Европа, со продадени 97.795 возила до јуни, иако тоа е пад од 17 проценти. Комби изведбата на Октавија вообичаено се продава повеќе од комбилимузината и редовно се наоѓа високо на списокот на најпродавани комби модели во Европа.
Иако нема официјална објава, Шкода веројатно ќе го прикаже и Епик, мал електричен СУВ, близнак со Фолксваген ИД 2 Икс. Двата модели ќе се произведуваат во Памплона, Шпанија.
Фолксваген

Фолксваген подготви два електрични модели со достапна цена, ИД Поло и ИД Крос.
ИД Поло ќе се продава заедно со Поло со мотори со внатрешно согорување. ИД Крос ќе биде електричниот пандан на Т-Крос, СУВ од градската класа што се произведува во изведби со мотори со внатрешно согорување. Двата модели стартуваат со продажба во 2026 година.
Со овие два електрични модели, марката Фолксваген го напушта досега користениот систем за означување на своите електрични модели, и место бројка, во иднина ќе користи име од традиционалната понуда од модели на ФВ, на пример, Поло, Голф и др, односно во овој случај ИД Поло место ИД 2.
Ценовникот за ИД Поло ќе почнува под 25.000 евра, потврди ФВ. ИД Поло ќе им конкурира на Рено 5, Ситроен е-Ц3 и на Би Уај Ди Долфин Сурф.
ИД Крос има поширок круг соперници, меѓу кои се Би Уај Ди Ато 2, Тојота Урбан Крузер, Киа ЕВ2 и Фиат Гранде Панда.

Вториот голем новитет на ФВ е втората генерација на најпродаваниот модел на марката во Европа, кросоверот Т-Рок. Новиот модел е прв ФВ со целосно хибриден погон. Овој вид погон веројатно ќе се вградува и во Голф и Тигуан. Повеќе поединости околу погонот ќе бидат соопштени на салонот. Новиот Т-Рок е подолг 12 сантиметри и мери 4.373 мм во должина, што го приближува до Тојота Ц-ХР и Рено Симбиоз, двата најпродавани хибриди во една класа погоре.
Волво

Волво ЕС90, електрична лимузина со зголемен клиренс и електричен погон, на салонот во Минхен ќе го има своето светско деби. Швеѓаните тврдат дека ЕС90 спојува различни видови возила, односно елегантна е како лимузина, приспособлива како комбилимузина и има простор и зголемено растојание од подлогата како СУВ. Допсегот е до 700 километри, на брз полнач од 350 киловати, батеријата се полни од 10 до 80 проценти за 20 минути. Тоа е за 30 проценти покусо во споредба со електричниот знаменосец на Волво, престижниот СУВ-модел Е Икс 90. Тој во меѓувреме е достапен и на македонскиот пазар и ја користи истата платформа СПА2 како ЕС90.
















