
На страниците на возилото пишува дека тоа има поминато 100.000 километри и на тој пат служело како преноќиште 175 денови, додека се посетувале 34 држави. Податоците веќе се застарени, затоа што човекот што стои зад овие достигнувања постојано е во возење. Километражата во меѓувреме брои далеку над 110.000 километри и веќе утре ќе има дополнителни 2.000 километри, затоа што Кристијан Шлутер на кусо ќе тркне до родната Германија.
Следно одредиште е Бајкалското Езеро, седмо најголемо езеро во светот, за да се извози круг околу него, за што ќе бидат потребни десетина денови. Исто како наш Охрид, само што ова е уште постаро, уште подлабоко, и сместено во веројатно најнегостопримливото катче на третиот камен од Сонцето. И површината му е малку поголема од наша Македонија. За такви потфати се работи тука.
Нема потреба да се напоменува дека Фолксваген ИД.Баз е целосно електрично возило, затоа што цел свет го препознава комбево и знае дека тоа е реинкарнација што се надоврзува на славните поглавја што ги имаат напишано сите Транспортери на Фау Ве од Т1 наваму. Многу е голема веројатноста, човек да има дознаено за постоењето на ИД.Баз, наидувајќи на објави, слики и видеа, токму од потфатите и приказните што ги има создадено Хер Шлутер.
Овој заслужен амбасадор за електричниот погон дојде во Скопје, во седиштето на Порше Македонија, на враќање од Грција. Сосем е природна средина, со електричен ИД.Баз да се дојде тука, затоа што Порше има направено веројатно најмногу за електромобилноста во државава, затоа што секаде наоколу има по некој полнач и затоа што горе на покривот се посавени фотоволтаици од коишто потрекнува струјата.
Колку и да се подготвува човек да го смисли најдоброто прашање, за да му укаже колку го почитува неговиот потфат, Кристијан сигурно веќе го има слушнато и одговорено најмалку стотина пати. Прашањето: „Дали откако го почнавте овој потфат имате повторно седнато зад волан на автомобил со бензински или дизел мотор, и какво беше чувството?“ Одговорот на тоа: „Помислив дека нешто не е во ред со автомобилот и ја прашав сопругата, зошто тресе воланот, што се случило со автомобилов…“
Патувањето е со цел да се сретнат луѓе, семејства, чијшто животи се поврзани со Фолксваген Транспортер, култно возило веќе низ бројни генерации
Објаснувањето зошто Кристијан е подготвен за сите прашање е во тоа што човеков не вози заради автомобилот, туку вози првенствено за да се сретне со луѓето. Секаде каде што патува, тој има средби со сопственици на некој Фолксваген Транспортер од бројните генерации досега, вклучувајќи го Т1, што светот го познава како Були. Затоа и сé што се случува во рамките на ова континуирано патешествие, се води под хаштагот #bullilovestories .
View this post on Instagram
Со Фолксваген Транспортер се поврзуваат и цели семејства, возилата се пренесуваат од генерација во генерација, некои имаат поминато и преку 1 милион километри, се создаваат и нови семејства додека се патува.
Додека раскажува за случувањата во овој проект што ќе се спомнува во историјата, за возење по планински превој меѓу Италија и Франција, што уште на гледање предизвикува наплив на адреналин, за ненајавени посети на пријатели во Калифорнија, со ИД.Баз уште свежо симнат од лента, сигурно многумина помислиле дека сето тоа треба да биде овековечено во филм. А, тоа веќе се има случено. Филм во холивудска должина од 75 минути беше прикажан премиерно пред илјадници присутни були-фанови среде Хермесплац во Хановер, во јуни 2023 година. Тогаш, ИД.Баз имаше поминато 55.000 километри, низ 33 држави. Сега километражата брои најмалку двојно.
Стандардното прашање: Дали некогаш се случило ИД.Баз да остане со празна батерија и да не може да се дојде до полнач. Електро-глоубтротерот го почитува начелото, „За сé што се случува со ИД.Баз, кажувам“. Само еднаш се има случено да не може да се дојде до полнач, поради тоа што паркиралиштето пред супермаркет во Грција затворило непосредно пред Кристијан да пристигне. Решението буквално било на повидок, само 50 метри подолу, каде што се наоѓал друг полнач.
Нашата автомобилска сцена мора да му биде благодарна за посетата на господин Кристијан Шлутер, кој прави електромобилноста да го изгуби сиот страв за ограничувања околу досегот, полначите, студовите, планинските превои. Со полни батерии, Хер Шлутер!















