Тојота ја претстави третата генерација на својот водороден погон со горивни ќелии. Напредокот е во зголемената трајност и во смалената потрошувачка, што дозволува до 20% подолг досег. Јапонскиот производител има намера подрачјето на примена на водородниот погон да го прошири во камиони, автобуси и други тешки возила.
Корпорацијата Тојота ќе го прикаже новиот водороден погон на 19-ти февруари, во рамките на Светскиот Саем на Водород и Горивни ќелии во Токио. Продажбата на возила со новиот и најнапреден вид на погон во светот ќе почне в година. Тојота уште нема објавено приближен датум и возило или машина во коишто првпат ќе биде вграден погонот.
Постоечката, втора генерација на водородниот погон со горивни ќелии на Тојота имаше деби во 2022 година, во лимузината од средна класа Мираи, којашто исто така е во втора генерација. Системот се користи и во лимузината Краун и во градскиот минибус Тојота Сора. Продажбата на возила со горивни ќелии во коипто се одвива хемиската реакција на водородот и се произведува електрична енергија почна во 2014 година, со првата генерација на Мираи.
Тојота оттогаш им се придружи на конкурентите што гледаат поголем пазар за системите со горивни ќелии во тешки товарни и стопански возила, отколку во автомобилите. Експертите предвидуваат дека во иднина ќе се зголеми побарувачката за погони со горивни ќелии во секторот на камиони и автобуси.
Производителот опишува дека системот од третата генерација е „конструиран за да ги задоволи барањата посебно во секторот на стопански возила, со истата трајност како конвенционалните мотори што работат на дизел.“
Компанијата планира новиот погон да го продава во Европа, Јапонија, Кина и Северна Америка.
Третото колено на погонот со горивни ќелии е конструирано да биде двапати подолготрајно од претходниот систем, со што ќе се изедначи со дизел моторите, а воедно е намалено и одржувањето. Системот може без каков било проблем да помине километража од 1 милион километри во тешки камиони, со редовно одржување на потрошните делови во предвидениот рок.
Најновиот водороден погон воедно постигнува и пониска потрошувачка, со пониска цена, соопштуваат од компанијата.
Досегот е продолжен за 20 проценти и системот постигнува „значително скусени трошоци“, благодарејќи на усовршената конструкција на горивните ќелии и новите производствени техники, наведува Тојота. Кога во 2023 година беше најавена третата генерација на системот, директорите кажаа дека имаат за цел да ги преполоват трошоците.
Подолг досег и трајност
Голем напредок во конструкцијата е смалувањето на системот со горивни ќелии, што дозволува поголема слобода при неговото вградување. Во досегашните генерации, сите примени на водородниот погон беа базирани врз системот од Тојота Мираи. Сега може да се менува големината и системот да се приспособи за различна примена.
Тојота не соопшти колкава продажба очекува да постигне со новиот водороден погон на подолг рок.

На брифингот во 2023 година при најавувањето на третата генерација на погонот, Тицумаса Јамагата, претседател на огранокот што се води како Хидроген Фактори, наведе дека влезот во камионскиот сектор ќе ѝ овозможи на Тојота да достигне продажба од 200.000 стопански и патнички возила со водороден погон со горивни ќелии во 2030 година.
Тоа ќе биде значителен скок во продажбата.
Во изминатите десет години, Тојота продаде 30.700 системи со горивни ќелии, од лансирањето на првиот Мираи. Од нив, околу 28.000 системи се вградени во патнички возила, додека останатите 2.700 најдоа примена во автобуси, возови и во станици за напојување со електрична енергија.
Лани Тојота продаде 2.578 возила со горивни ќелии, што е за 56 проценти помалку во споредба со една година пред тоа, кога беа продадени 4.023 возила.
Тојота во 2023 година соопшти дека имала бизнис понуди за да испорача 100.000 системи со горивни ќелии во 2030 година, од кои околу 35 проценти отпаѓаат на тешки камиони.

Директорите прогнозираа дека можат продажбата да ја качат на 200.000 системи, благодарение на новите склучени партнерства со производители на камиони. Тојота склучи договор со Дајлмер Трак Холдинг, за својот камионски огранок Хино да го спои со огранокот Мицубиши Фусо што е во сопственост на Дајмлер Трак.
Следниот чекор на тоа партнерство е пуштање во продажба на камиони со погон на водород.
Тојота мора да постигне одреден волумен во продажбата на горивни ќелии
Тојота мора да постигне продажба од најмалку 10.000 водородни системи на месечно ниво, за да ги покрие трошоците за нивно производство, соопшти шефот за технологија во Тојота, Хироки Накаџима на брифингот во 2023 година. Толкав волумен може да се постигне само преку скусување на трошоците за технологијата, којашто користи благородни метали, прецизна изработка и скапи резервоари што се обвиткани со карбон.
[the_ad id=”73735″]
Бидејќи камионите постојано се движат по исти патишта, тоа гарантира дека изградбата на скапи станици за водород ќе биде исплатлива. Камионите се сектор што носи голема потрошувачка на водород. На тој начин може да се шири мрежата од станици за водород, што понатаму ќе ги прифати и патничките автомобили.
Една од најголемите предности на погонот со водород, е тоа што полнењето водород трае исто колку дизел. Тоа е голема предност наспроти батериските електрични автомобили, а посебно наспроти камионите на струја. Понатаму, енергетската густина на водородот дозволува досег што е споредлив со возилата со мотор со внатрешно согорување.
Во 2023 година, Тојота почна со производство на горивни ќелии на посебна линија во фабриката во Џорџтаун, во САД. Фабриката во Кентаки произведува интегрирани двојни модули од горивни ќелии за тешки камиони.
















