Тоа е првиот култен модел од автомобилската историја, што доживува продолжение во ерата на електромобилноста. ID. Buzz во сé е наследник на Були, на Самба Бус, на хипимобилот, единствено се разликува по тоа што вози на струја. Цел му се возачки и возачи на коишто им значи да се возат околу во електричен минибус, со најнапредна технологија, и секако со погон на струја. Volkswagen има и други планови со овој светски автомобил.
Култот што го изгради Були е исто толку моќен колку култот на Бубата. Во поглед на значењето што го имаат во автомобилската историја, двата основоположувачки модели на Volkswagen се рамноправни. Моторот во историскиот миниван беше директно преземен од Бубата, погонот е назад, заедно со уште голем број компоненти. Були во историјата на Volkswagen се води како Typ 2, додека Бубата (оригинално Käfer) e Typ 1. Тоа е најкусиот опис на значењето на моделот, што Volkswagen го пушта на автомобилската сцена во овие чудни времиња како ID. Buzz.
Во Хамбург, во средата на 9-ти март, доживеаја премиера ID. Buzz и неговата товарна изведба ID. Buzz Cargo. Тоа е прв минибус и транспортер од европска продукција, што се нуди само со електричен погон. Volkswagen издвојува дека најновиот модел располага со најсовремен ID-софтвер, поседува најнапредни системи и функции во својот сегмент и постсавува нови мерила во безбедноста, комфорот и полнењето.
Ралф Брандштетер, директорот на автомобилскиог огранок на Volkswagen: „ID. Buzz е вистинска икона за електричната ера. Автомобил каков што само Volkswagen може да конструира. Volkswagen Bulli во 1950-те години застапуваше ново чувство на автомобилска слобода, независност и силни емоции. ID. Buzz посегнува по ова животно чувство и го пренесува во нашето време: без емисија, одржлив, целосно вмрежен и подготвен за следното големо поглавје – автономното возење.“
Основата ја дава платформата за електрични автомобили MEB, позната од ID. 3, ID. 4, ID. 5, од Skoda Enyaq, од Cupra Born. Софтверот којшто сочинува голем дел од приказната, се обновува Over-the-Air, без потреба да се посетува сервисна работилница и да се договара термин. Исто како што мобилен телефон вчитува нов софтвер.
Стандардно се вградува системот за предупредување Car2X, што ги добива сигналите од останатите возила со истата техника во близина, доколку има пречка или опасност на патот, односно застој на патот. Нов со арсеналот системи за асистенција во моделите од ID-семејството е „Travel Assist со податоци од толпа“, што се нуди како опција и дозволува полуавтоматско возење во целото брзинско подрачје. Првпат се овозможува и асистирано престигнување на автопат. Уште една новина е „мемориската функција“ за возилото само да се паркира на рута што се вози секојдневно.
Користење полначи со моќност до 170 kW, без потреба од скенирање картичка на полначите, можност за приклучување на потрошувачите во домот
Батеријата е со капацитет од 77 kWh (бруто 82 kWh), којашто испорачува енергија за електромотор од 150 kW (204 КС). Погонот е назад, исто како во Були и во Бубата. Батеријата што е поставена ниско овозможува динамични возни својства. При користење полнач од 170 kW, батеријата се полни од 5 до 80% за половина час.
Во патничката изведба со пет седишта стои на располагање багажник од 1.121 литри. Со соборена задна клупа се добива просотр од 2.205 литри. Товарната изведба ID. Buzz Cargo може да се нарача со две или три седишта напред, со цврст преграден ѕид и со зафатнина на товарниот простор од 3,9 метри кубни.
Меѓуоскиното растојание изнесува 2.988 mm, приближно колку актуелниот T6.1. Возилата се долги 4.712 mm, висината е 1.937 mm. Драстична е разликата во ширината, којашто со 1.985 mm е за 81 mm поголема во споредба со T6.1. Кругот на вртење од 11,1 метри укажува на лесно маневрирање низ град.
Изненадува врвната мајсторија на аеродинамичарите на VW, коефициентот на отпор на воздух изнесува cw 0,285
Производството е во матичната фабрика на Volkswagen Nutzfahrzeuge во Хановер. Продажбата ќе стартува наесен, прво на главните пазари на електромобилноста во Европа. Volkswagen ќе ги отвори книгите за нарачка веќе во мај.