Со понудените 0,50 евра по акција или вкупно 2,9 милијарди евра за преземање на Europcar, концернот Volkswagen е чекор поблиску до лидерската позиција во индивидуалната мобилност.
Голема е извесноста дека Europcar наскоро ќе стане дел од концернот Volkswagen. Водечкиот понудувач на услуги за мобилност и рентакар во Европа, располага со повеќе од 3.500 подружници во повеќе од 140 држави, односно со возен парк од преку 350.000 возила. Годишно повеќе од 5 милиони корисници се решаваат за услугите на групацијата.
Минималниот праг за прифаќање на понудата за преземање изнесува 67 проценти. Сопствениците на удели што заедно поседуваат 68 проценти од акциите на Europcar, веќе дадоа обврзувачка согласност за трансферот.
Volkswagen ќе го трансформира Europcar со нови и иновативни услуги за мобилност, со цел да се излезе во пресрет на растечкиот број клиенти што бараат други видови на мобилност, покрај користењето на сопственото возило. Концернот од Волфсбург е дел од конзорциумот со управувачите со капитал Attestor Limited од Лондон и со холандската компанија за мобилност Pon Holdings. Volkswagen нема да располага со контрола врз конзорциумот, ниту врз Europcar.
Цената на понудата од 0,50 евра по акција е за 27 проценти повисока од состојбата на 22-ри јуни годинава, кога акција на Europcar беше заклучена на 0,39 евра на Euronext Paris. Целата понуда вреди 2,9 милијарди евра.
Следно се чека одобрение од францускиот берзански надзор AMF и од надлежните институции за спречување на картелско здружување. Се предвидува дека понудата ќе биде доставена во AMF до крајот на третиот квартал, за потоа трансакцијата да се комплетира во последниот квартал од годинава или во првиот квартал од 2022 година.
















