Нови примероци од електричниот камион на Daimler годинава се испорачани во Швајцарија, Велика Британија и Холандија. Компанијата за логистика DB Schenker исто така ќе користи два електрични Fuso eCanter во своите активности во Италија. Испорачани се и првите примероци во Нов Зеланд.
Од почетокот на малосериското производство во 2017 година, марката камиони Fuso што е дел од концернот Daimler, досега има испорачано повеќе од 250 примероци од eCanter ширум светот. Станува збор за првиот целосно електричен камион од лесна категорија на Daimler. Со тежина до 7,49 тони и досег од преку 100 километри, камионот со погонски електромотор од 129 kW постигнува крајна брзина од 80 километри на час. Со малиот круг на вртење, тој воедно е лесно подвижен при доставата низ град. Голем број градови имаат воведено или најавуваат воведување зони со нулта емисија во коишто смеат да пристапуваат само чисто електрични возила.
Новата испорака на Fuso eCanter во Швајцарија е за компанијата за логистика Rhyner, електричниот камион во Велика Британија е во служба на најголемиот ланец пекари во земјата, Warburtons, додека во Холандија со eCanter се дистрибуира пиво, нормално за светски познатата марка Heineken. Посебно за таа цел е изработен специјален резервоар со зафатнина од 3.000 литри пиво.
Fuso eCanter-Lkw вози во 16 држави: Германија, Франција, Холандија, Велика Британија, Португалија, Данска, Ирска, Норвешка, Финска, Шпанија, Италија, Австрија, Швајцарија, САД, Јапонија и Нов Зеланд.
















