Шпедитерот DB Schenker лани во октомври потпиша договор со Daimler Trucks за набавка на 41 електричен камион Fuso eCanter. Компанијата ги користи камионите со нулта емисија на штетни материи во 11 градови во Европа, со цел да придонесе за намалување на загаденоста.
Камионскиот огранок на Daimler ги произведе нарачаните електрични камиони Fuso eCanter и во почетокот на годината ги испорача во подружниците на DB Schenker во Франција, Финска, Велика Британија, Холандија, Шпанија и Австрија. Неодамна пристигнаа и осумте примероци што ќе се користат за достава во Осло, главниот град на Норвешка. Со вкупно 41 возила eCanter, овој шпедитер ја поседува најголемата флота од електрични возила во својата бранша во Европа.
DB Schenker во 2019 година го отвори „Oslo City Hub“ во норвешката престолнина, со површина од околу 500 метри квадратни. Овој центар претставува важен јазол од којшто сите достави до центарот на градот се вршат исклучиво со електрични автомобили и електрични велосипеди. На тој начин компанијата не произведува ниту грам СО2 при доставата на пратки во градот. Од центарот дневно поаѓаат по 800 испораки со околу 40 електрични возила.
Низ светот возат повеќе од 200 електрични камиони Fuso eCanter
FUSO eCanter е првиот целосно електричен лесен камион на Daimler Trucks од малосериско производство. Продажбата започна во 2017 година и оттогаш се испорачани возила во Европа, Јапонија и САД. Целиот возен парк од овој камион досега има извозено над три милиони километри, што е исто како 75 пати да се обиколи Земјата.
















