Новопоставениот шеф на фабриките на Volkswagen во Саксонија, Штефан Лот, има големи вести уште од старт: „Одлично ја стартувавме годината и секоја недела ја зголемуваме продукцијата.“ Целта е во текот на летово да се достигне планираната дневна продукција од 1.400 возила во фабриката во Цвикау.
Втората монтажна линија, на којашто до јуни лани се произведуваше комби изведбата Golf Variant, во април исто така ќе стартува со производство на електрични автомобили во три смени. Во следните месеци се очекува да стартува производството на уште четири нови модели со електричен погон од марките Volkswagen, Audi и Cupra.
Од фабриката во Цвикау наскоро ќе се произведуваат едно до друго Audi Q4 e-tron и неговата купе изведба Q4 Sportback e-tron, VW ID.5 и Cupra el-Born, заедно со Volkswagen ID.3 и ID.4.
Надзорниот одбор на VW Sachsen (покрај фабриката во Цвикау, на посестринска компанија на концернот ѝ припаѓаат уште Стаклената Мануфактура во Дрезден и фабриката за компоменти во Хемниц) денес го именуваше Штефан Лот на позицијата на претседател.
Досегашниот менаџер на оваа позиција, Томас Улбрих, во иднина ќе биде задолжен за развојот на нови технологии во марката Volkswagen. Лот доаѓа од местото на директор на фабриката во Волфсбург, а во јануари беше назначен за главен техничар во Цвикау.
















