Марката комерцијални возила Volkswagen го најавува стартот на комплетно новата генерација на пикапот Amarok кон крајот на 2022 година. Моделот ќе биде достапен во теренска и во патничка изведба. Дизајниран и конструиран во Германија и Австралија, произведен во Јужна Африка, Volkswagen Amarok ја дели техничката основа со Ford.
Volkswagen цели уште еднаш да го преземе врвот во понудата од пикапи во Б-сегментот, со одлична опрема, изобилство од системи за асистенција што го прават возењето побезбедно и покомфорно, но и со значително збогатена понуда од мотори и погонски варијанти во споредба со претходникот. Првите примероци од пикапот веќе се тестираат маскирани по јавни патишта ширум Европа.
Замислен како универзално возило, новиот Amarok има појава на премиум модел, а таквиот впечаток се потврдува и во внатрешноста. Со 5.350 милиметри, новиот модел е за најмалку 100 милиметри подолг од претходникот. Меѓуоскиното растојание се зголеми уште повеќе, за 175 милиметри, на 3.270 милиметри. Тоа ветува повеќе простор во двојната кабина.
Носивоста исто така порасна на 1,2 тон, а новите погонски варијанти овозможуваат и влечење приколка до 3,5 тони. Каросериските превиси напред и назад се намалени, што секако дека ќе се покаже како предност при возењето по терен. Нагласокот на теренското возење се препознава и во зголемената длабочина на вода низ којашто може да мине Amarok.
Севкупната понуда од погонски единици ќе опфаќа еден бензински мотор и четири дизели, вклучувајќи и 6-цилиндарец, со зафатнина меѓу 2,0 и 3,0 литри. Понудата од мотори ќе се разликува од пазар до пазар. Опција е варијанта со заден погон, како и варијанта со постојан погон на сите тркала. Возачот може да избира неколку режими на возење по терен, вклучувајќи и поекстремен терен. За безбедноста ќе се грижат повеќе од 30 системи за асистенција, од кои преку 20 се нови за Amarok.