Првиот и единствен производител на автомобили во Виенам, Vinfast, во втората половина од годинва ќе ги пушти во продажба во Европа СУВ-моделите со електричен погон VF 8 и VF 9.
Електричниот СУВ-модел на Vinfast со ознака VF 8 припаѓа во средната класа и со батерија од 82 kWh на европскиот пазар ќе се продава по цена од 43.500 евра. За верзијата со поголема батерија, со капацитет од 87,7 kWh, виетнамскиот производител бара 300 евра доплата. Двете верзии се нудат и со луксузно ниво на опрема, соодветно со цена од 50.500 и 50.800 евра
Поголемата верзија Vinfast VF 9 има седум седишта и исто така се нуди со две големини на батерија. Едната батерија располага со 92 kWh, другата со 123 kWh. Во основното ниво на опрема, големиот СУВ чини 58.200, односно 58.640 евра. За луксузните верзии се бараат 63.150 евра, односно 63.600 евра. Тоа не се конечните цени, затоа што во голем број држави во Европа има масивни субвенции за електричните возила, коишто достигнуваат и по 10.000 евра.
Електромоторот во Vinfast VF 8 постигнува 260 kW (353 КС) и вртежен момент од 500 њутнметри. Луксузната верзија, покрај тоа што има и раскошна опрема, поседува и посилен електромотор: 300 kW (408 КС ) и 620 Nm. Големиот модел VF 9 го користи истиот погон. Досегот кај VF 8 изнесува до 471 километар, кај VF може да се вози близу 600 километри.
Vinfast во гаранциите ветува исто ниво со Toyota, односно десетогодишна гаранција. Кога капацитетот на батеријата ќе се намали под 70 проценти, производителот бесплатно ја заменува батеријата. Виетнамскиот производител го постигнува тоа преку изнајмување на батеријата. Сопствениците на возилото не ја поседуваат батеријата, туку ја изнајмуваат од производителот. Тоа чини 120 евра месечно за VF 8 и 150 евра за VF 9. Километражата на месечно ниво е неограничена. Доколку месечно се минуваат под 500 километри, тогаш и ратите се пониски. Од 2024 година, производителот ќе нуди можност батеријата да биде вклучена во цената на возилото.
За да привлече купувачи, Vinfast во почетокот нуди попуст во форма на NFT во вредност од 2.500 евра, пакет Smart-Driving со системи за асистенција вредни 7.500 евра, платен седумдневен одмор во сопствениот хотелски ресорт во Виетнам (VinPearl Ressort, без платен авионски билет) и дрво што ќе биде посадено во име на клиентот.