Советот на градот Ванкувер ќе им наплаќа годишна такса во висина од 10.000 канадски долари на станиците за точење гориво и на паркиралиштата со наплата, коишто до јануари 2025 година нема да постават полначи за електрични возила.
За да бидат поштедени од таксата, станиците за гориво ќе мора да постават најмалку еден брз полнач со еднонасочна струја и со моќност од најмалку 50 киловати. За паркиралиштата со наплата, минимумот е четири обични полначи. Од новата такса се ослободени паркиралиштата со помалку од 60 места.
Според Градот, поставувањето брз полнач ќе ги чини станиците за гориво околу 135.000 канадски долари. Трошокот за четири обични полначи за паркиралиштата ќе изнесува околу 100.000 канадски долари. Доколку ги исполнат барањата, станиците за гориво ќе плаќаат годишна такса во висина од 263 долари, односно паркиралиштата ќе плаќаат по 163 долари секоја година.
Во канадскиот град на западниот брег, со околу 700.000 жители, моментно работат 66 станици за гориво и 366 паркиралишта со наплата, коишто ќе подлежат на новите барања на градот. Само две станици за точење гориво имаат поставено електрични полначи. Овој чекор има за цел, емисијата на СО2 да се намали за 50% во споредба со нивото во 2007 година. Секако дека се очекува и граѓаните да се охрабрат да купат електрично возило.
(1/2) We’re presenting a #VanClimateEmergency report to #VanCityCouncil at a Public Hearing tomorrow. This report is intended to provide alternate charging options at gas stations and parking lots for EV drivers who can’t charge at home. pic.twitter.com/bMbigXzVfW
— City of Vancouver – Greenest City (@greenestcity) May 18, 2022
Според истражувањето на дневникот Ванкувер Сан, спроведено меѓу 12.000 жители, недостигот од електрични полначи е главната причина зошто луѓето не се заинтересирани за електричниот погон. Околу 40% од емисијата на СО2 во градот, се припишуваат на транспортот.
















