Toyota најавува најмалку 10 електрични автомобили во својата понуда во следните неколку години, плус водородни автомобили и плаг-ин хибриди. Тоа што Јапонците го планираат е исто како Volkswagen да го замени дизелот во сите свои модели со каква било погонска спрега што вклучува електромотор.
Сите производители најавуваат електрични автомобили, претставуваат концепти со досег од најмалку 500 километри, единствено кај Toyota владее молк. Но, светскиот број 1 и нема потреба да обезбедува алиби, хибридниот погон веќе одамна е класика. Тоа што Toyota го ветува се однесува на една ера понапред, на водородниот погон. Но, дотогаш треба да се мине уште едно скалило.
Без непотребна помпа, Јапонците го најавија планот за следната декада. Тој гласи: Достигнување годишна продажба од 5,5 милиони возила со електрифицирана погонска спрега, вклучувајќи еден милион возила со нулта емисија до 2030 година. Toyota буквално ќе бомбардира со класични хибриди, плаг-ин хибриди, батериски електрични возила и електрични возила со горивна ќелија, односно водородни автомобили. Со товарни возила, исто така.
Toyota Fine Comfort Ride
Сето тоа е дел од големата стратегија, којашто се раководи според факторите животна средина, безбедност и емоции. Toyota Environmental Challenge 2050 започна да се реализира пред две години, а една од нејзините цели е намалување на емисијата на СО2 на целата производствена гама за 90% во споредба со 2010 година.
Секој модел на Toyota и Lexus ќе биде достапен со електрифицирана погонска спрега
До средината на следната декада, секој модел на Toyota и Lexus ќе биде достапен во верзија со електрифицирана погонска спрега или ќе користи само погон на струја. По 2020 година, на глобалниот пазар ќе почнат да се појавуваат батериските автомобили под знакот на Toyota. Планирани се повеќе од 10 модели. Возилата ќе се понудат прво во Кина, како најголем пазар за електрични возила во светот, за потоа да следи нивна комерцијализација во Јапонија, Индија, САД и Европа.
Водородниот погон ќе се користи и во други патнички модели, покрај Mirai, но и во неколку товарни модели. Усовршената верзија на хибридниот погон од втората генерација, од актуелниот Prius, исто така ќе се вградува во повеќе модели. Се планира еден вид разгранување на хибридниот погон. Верзија со уште повисока моќност од актуелниот врв во Lexus LS/LC 500h ќе се појави во моделите од спортската понуда и во престижните модели. Од друга страна, ќе постои и поедноставна, а тоа значи и поевтина изведба на хибридниот погон, за вградување во модели во класата на Aygo. Во исто време ќе се проширува и понудата од модели со плаг-ин хибриден погон, за којашто производителот уште не наведува конкретни детали.
За сите овие планови да се реализираат, Toyota располага и со нова генерација батерии. Паралелно ќе се работи и на развој на таканаречена призматска батерија, односно на воведување на оваа технологија во големосериското производство, заедно со партнерот Panasonic.
Над 11 милијарди евра за развој на електрични автомобили, повеќе од половина наменети само за батерии
Toyota практично продолжува во насоката којашто ја постави уште пред 20 години, со првиот хибриден автомобил во светот Prius. Во 2012 година, јапонскиот гигант имаше уште еден првенец, Prius PHV, како прв автомобил со плаг-ин хибриден погон. Моделот моментно е во втората генерација, со забележливи разлики во споредба со „обичниот“ Prius. Третиот пионер (само во оваа серија) беше Mirai во 2014 година, прва лимузина со водороден погон од сериско производство. Бројот на продадени автомобили на Toyota со електромотор во погонската спрега веќе надминува 11 милиони.
















