за

Yaris Cross: По малку од Yaris, малку од RAV4, многу од Toyota

Само малку модели во СУВ-сегментот на Polo & Co се достапни со погон на сите тркала. Toyota Yaris Cross го додава на тоа и својот хибриден погон. Целината е крунисана со гените од RAV4.

Toyota лансира нови модели исто како што Холивуд некогаш ги лансираше блокбастерите. C-HR своевремено најави што понатаму ќе се случува со марката, потоа следеше новата Corolla, продавана повеќе од која било генерација на 50-милионскиот модел досега, за потоа новиот Yaris да се потврди како нов бестселер. За сето време, RAV4 ја влече целата марка нанапред. Yaris Cross презема по малку наследство од сите овие модели.

СУВ кај бројни марки е само СУВ. Toyota секогаш има да додаде нешто за своите модели од оваа сорта. RAV4 е СУВ-пионерот, Land Cruiser е еден од неколкуте прекалени теренци врз чијшто имиџ се темели целото СУВ-движење, C-HR е врвно стилизирано парче СУВ што не се вклопува во ниту една шема, Highlander е тркач-СУВ по непрегледно долги земјени патишта како во холивудски трилер. Сега пристига уште еден СУВ, петти од оваа сорта што го носи знакот на Toyota.

Несомнено најважната премиера во понудата на Toyota годинава го одбележува својот продажен старт точно во времето кога на народот почнуваат да му недостигаат летните авантури и полека исчезнува безгрижноста, дали патот ќе биде сув или до одредиштето ќе се стигне пред да замрачи. Тоа во дел се совпаѓа и со мисијата на Yaris Cross, тој да не биде „само“ автомобил за работното секојдневие, туку и да повикува на авантура секогаш кога ќе се укаже барем малку од тоа драгоцени часови за уживање во слободното време што ни останува денес.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Верно на мотото на пра-теренецот Land Cruiser, Cross-изведбата на Toyota Yaris не само што повикува на авантура, туку гарантира и успешно завршување на авантурата

Во салонот на Тојота Авто Центар од неделава е изложена Toyota Yaris Cross, за којашто првата дама на маркетингот, Ана Трајковска, ни откри дека постоел голем интерес уште откако јавноста дознала за новиот модел на јапонската марка и постојано се прашувало за датумот на пристигање на моделот. Yaris Cross сега е дел од редовната понуда на Toyota во Македонија. Од почетокот на следната недела веќе ќе биде објавен и ценовникот за целата понуда од моделски изведби во семејството на Yaris Cross.

Засега имаме единствено информација дека понудата ќе стартува од 19.990 евра, за изведбата со 1,5-литарски бензинец со 125 КС и погон напред, со првото ниво на опрема. Во врвната изведба на моделот, со луксузна опрема, со најнапредниот хибриден погон на Јапонците, со литиум-јон батерија и екстра електромотор за задната оска, што значи со погон на сите тркала, Yaris Cross ќе се приближува до основната изведба на RAV4. Како што ни најави госпоѓа Трајковска, токму таква изведба ќе се придружи наскоро во возниот парк од пробни автомобили за клиентите, „со цел да се нагласат големата разновидност и обемот на можности што ги нуди новата Toyota Yaris Cross“. Во златна металик боја на каросеријата, секако, истата боја како во целата маркетиншка кампања за моделот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Уште еден „детал“ на којшто упатуваат во македонската Toyota е изворот на вистинската инспирација за Yaris Cross. Кај овој модел не станува збор за класична СУВ-варијанта и за едноставно качување на Yaris на поголеми тркала, туку Yaris Cross со насоката во којашто е развиван концептот на моделот, повеќе е насочен кон RAV4, отколку кон самиот Yaris. За петтиот СУВ-модел во понудата на Toyota можело да се избере и сосем независно и ново име, по примерот на C-HR, меѓутоа маркетиншките експерти на марката се решиле сепак да се користи името Yaris, што има солидна вредност во автомобилскиот свет.

Toyota секогаш имала придружен модел покрај Yaris, од Verso до Urban Cruiser

Постои и екстра причина, зошто основата на името e Yaris. Јапонската марка отсекогаш нудела дополнителна варијанта покрај Yaris. Секако дека сцената уште се сеќава на берлинго-партнер-варијантата Yaris Verso. Во Јапонија на местото на практичниот модел се нуди Sienta. До пред половина деценија, покрај добриот и вреден Yaris постоеше и кросовер-изведбата Urban Cruiser, препознатлива по својот „мафијашки“ изглед. Погонот на сите тркала исто така отсекогаш бил достапен во екстра-варијантите на Yaris.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Стилот на новиот СУВ исто така не се раководи прецизно според стилот на Yaris, туку во него има детали и од C-HR, што важи за светлата, како и од самиот RAV4. Посебно е интересен носот на Yaris Cross, што кога ќе се погледне од одреден агол личи како нос на ајкула, на морски предатор. На љубителите на дизајнот ќе им се допаднат и профилираната хауба, работ под прозорците, што полека „избледува“ како што се приближува по целата негова должина од опашот кон предницата. Како етикета на марка облека, на прагот на задните врати се наоѓа плочка со името на моделот. Задните светла се прилично исти со Yaris, тоа е вреден детал. Посебно е импресивна напнатоста на линиите и површините во опашот, Yaris Cross изгледа како во секоја минута да ќе скокне нанапред. Тоа е воедно и стилски елемент од стандардниот Yaris, што во делот околку задното тркало е инспириран токму од ставата на спринтер на сто метри, што чека знак за старт.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Арматурната табла во кокпитот е иста со Yaris, разлики има во делот од средишната конзола меѓу седиштата, каде што се додадени нови функции и неколку екстра детали. Силна страна на новиот модел претставува и багажникот. Мајсторија на Toyota e тоа што покрај солидната просторна понуда на задната клупа, сепак останува багажник од близу 400 литри. Уште еден нов детал во багажникот, што може да се види и кај првиот изложен примерок од новиот Yaris Cross во салонот во Скопје е дводелниот под Toyota Smart Cargo. Значи не станува збор само за „двоен“ под, односно за под што може да се намести на две висини, туку и за под што може да се подели надолжно, на лева и десна половина. Тоа е корисно ако треба да се превезуваат повисоки предмети, на пример украсно растение за домот, и доаѓа заедно со триделна задна клупа (40:20:40).

New photo by Automedia MK / Google Photos

Убав пример што оди во прилог на тврдењето дека Yaris Cross е мал RAV4 дава токму задниот поклопец. Во највисоките нивоа на опрема е вграден сензор под браникот со којшто самостојно се отвора задниот поклопец – со помош од електромотор, секако.

Како функционира Toyota Yaris Cross во возењето и во сите секојдневни задачи ќе дознаеме наскоро, тој е следен автомобил што треба да пристигне на тест во вашата Аутомедиа.мк. Тогаш ќе дознаеме и каков епитет ќе добие петтиот СУВ во понудата на Toyota.

>>> Сé за Toyota Yaris Cross: Кој е новиот конкурент на 2008, T-Cross & Aircross?

Кон официјалната страница за моделот на Тојота Авто Центар https://www.toyota.com.mk/model/yaris-cross-naskoro/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рекордер во досег: Lucid Air минува 840 километри со полна батерија

Камионетите на DFSK почнаа да возат на струја