за

Toyota го произведе четиримилионитиот Yaris во Европа

Сé е во знакот на бројот четири: Во фабриката на Toyota во францускиот Валансјен е произведен 4-милионитиот Yaris, кој е од 4-та генерација на моделот и користи хибриден погон од 4-та генерација.

Toyota го произведе четиримилионитиот Yaris во Европа

На новиот Yaris денес сé му се погоди во знакот на бројката што е суштинска за автомобилите, почнувајќи од бројот на тркала, преку бројот на вентили по цилиндар, до бројот на работни тактови. Славеничкиот Toyota Yaris од четвртата генерација е четиримилионитиот автомобил со ова име од фабриката во Франција и во него работи хибриден погон од 4-та генерација на Toyota.

Фабриката на Toyota во Валансјен, Франција, денес го произведе четиримилионитиот автомобил од моделската серија Yaris. Во славеничкиот автомобил со препознатливата црвено-црна комбинација за новата генерација на моделот, која патем е четврта, работи хибриден погон од 4-та генерација. Така се погоди сé да биде во знакот на бројот четири.

Првиот Yaris се појави во 1999 година и во лет ја освои титулата на Автомобил на годината во „милениумската“ 2000-та. Моделот пристигна во замена за претходничката Starlet, којашто вообичаено за Toyota одушевуваше со издржливоста, меѓутоа беше опремена мошне скромно и не привлекуваше толку внимание, како моделите на европските марки. Сето тоа се смени со Yaris, кој беше еден од клучните модели за унапредувањето на имиџот на Toyota во тоа што сцената денес го препознава во марката.

New item by Automedia MK / Google Photos

Продажбата моменти растеше прогресивно. Во 2019 година, моделот од третата генерација достигна 224.000 продадени примероци, само во Европа. На Yaris отпаѓаа 22% од европскиот бизнис на Toyota, а во рамките на класата, моделот уживаше пазарен удел од близу 8 проценти. Овој успех во последните години се должи и на воведувањето на изведбата со хибриден погон.

Јубилејниот примерок секако дека користи хибриден погон. Во четвртата генерација, тој се состои од 1,5-литарски трицилиндарец, кој следи модуларен принцип и конструкциски е идентичен со шампионскиот 2,0-литарец, како едни од ретките бензинци од комплетно нова генерација. Заедно со електромотор со моќност од 80 kW, се постигнува системска моќност од 116 КС. Додека моќноста се зголеми за 15%, потрошувачката на гориво се намали за 20 проценти. За нашите впечатоци од тест-возењето на новиот Yaris можете да прочитате на следната врска.

Големо внимание во моделот од новата генерација е посветено на безбедноста. Во изборот за Safetybest за 2020 година, во рамките на познатиот AutoBest, Yaris меѓу другото победи и со стандардното вградување на воздушна перница меѓу двете седишта, што штити од меѓусебно удирање на телата на патниците, при страничен судир. Тоа е единствен пример во класата.

Покрај тоа, Toyota стандардно го збогатува нивото на системи за асистенција во пакетот Toyota Safety Sense со секој нов модел. Секој Yaris што излегува од фабриката во Валансјен поседува самостојно запирање при опасност од судир, со препознавање пешаци и велосипедисти, како и приспособлив темпомат што подзабавува самостојно и систем за следење и задржување во лента.

Toyota наскоро ќе започне со производство и на кросовер изведбата Yaris Cross, којшто ќе излегува од иста производствена лента со Yaris.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi A3 Sportback 45 TFSI e

Audi A3 Sportback 45 „е“ вози спортски и штеди

Во фабриката на Smart ќе се произведува ретро Land Rover

Во фабриката на Smart ќе се произведува ретро Land Rover