
Компаниите на групацијата Тојота и претседателот на Тојота Мотор, Акио Тојода, понудија 33 милијарди долари за преземање на Тојота Индастрис, компанија од којашто почна да се шири династијата Тојота. Целта е да се постигне поцврста контрола и да се подобри раководењето со компанијата.
Со тендерската понуда што беше најавена на 3-ти мај ќе раководи Тојота Фудосан, компанија од групацијата, што е надлежна за трговија со недвижности.
На Тојота Индастрис ѝ се нудат 134 долари по акција, што е околу 12 проценти под вредноста при заклучувањето на берзата во Токио. Вкупната зделка се проценува на 32,87 милијарди долари. Понудата е планирана за декември, иако останува неизвесно кога таа ќе биде извршена.
Зделката беше објавена по средба со управниот одбор на Тојота Индастрис, којашто е меѓу клучните компании во групацијата и произведува автоматски разбои, вилушкари и делови за вградување во возилата во фабриките на Тојота Мотор, вклучувајќи батерии.
Преземањето на Тојота Индастрис ќе овозможи компанијата да се заштити од краткотрајните инвеститори и да се посвети на долгорочен развој и стратешко инвестирање, порача директорот на Тојота Фудосан, Кента Кон.
Трансакцијата ќе ја извршат Тојота Фудосан, Тојота Мотор, компанијата за логистика Тојота Тсушо и големите добавувачи Денсо и Аисин.
Новиот холдинг ќе ја префрли Тојота Индастрис во приватна сопственост, а компаниите што учествуваат во тендерот ќе понудат 6,15 милијарди долари. Тојота Мотор ќе инвестира 4,9 милијарди, Тојота Фудосан 1,26 милијарди долари.
Акио Тојода лично ќе вложи 7 милијарди долари.

Тојота Мотор, Тсушо, Дензо и Аисин, преку низа трансакции ќе ги распределат своите акции во Тојота Индастрис, со цел да се раскинат комплицираните вкрстени учества меѓу Тојота Индастрис и Тојота Тсушо, Денсо и Аисин. Единствено Тојота Мотор ќе го задржи уделот, преку преференцијални акции.
Тојота Индастрис се најде под притисок од странски инвеститори за да изврши реформи, вклучувајќи откуп на акции за менаџментот и прием на директори однадвор.
Приватизацијата на компанијата ќе ги награди тие инвеститори. Акциите во Тојота Индастрис пораснаа 40 проценти, откако Блумберг Њуз во април првпат објави вест за планираната зделка.

Тојота Мотор поседува 24 проценти од акциите на Тојота Индастрис, којашто пак поседува 7,5 проценти од „Мотор“. Тојота Индастрис, чијшто претседател е поранешниот директор и шеф за развој на Тојота, Шигеки Тераши, според соопштението бара начини да ги подобри „вредноста на бизнисот“ и „ефикасноста на капиталот.“
Со тргањето на Тојота Индастрис од пазарот, компанијата ќе се најде во сигурни пријателски раце.
Во конечната форма, Тојота Фудосан ќе поседува 99,5 проценти од гласовите во холдингот што целосно ќе ја поседува Тојота Индастрис. На Акио Тојода ќе му припадне 0,5 процент од гласовите.
Банките ќе го финансираат преземањето со кредити во вредност од 19,58 милијарди долари.
[the_ad id=”73735″]
Лажните сертификати на Тојота Индастрис ја повлекоа кризата
Тојота Индастрис е основана во 1926 година од Сакичи Тојода, прадедото на Акио Тојода. Првичното име е Тојода Аутоматик Лум Воркс. Името се менува во Тојота Индастрис Корп. во 2001 година, за да се укаже на широкиот дијапазон на бизниси што произлегоа низ децениите досега. Компанијата и денес произведува разбои. Но, таа е и еден од најголемите производители на вилушкари во светот. Покрај тоа, се произведуваат и компоненти за автомобили, вклучувајќи мотори, батерии за хибриден погон, трансформатори, инвертери и сопствени полначи кај електричните автомобили.
Индастрис го произведува и РАВ4 во Јапонија.
Грешките на Тојота Индастрис со дизел моторите доведоа до кризата во 2024 година.
Во јануари лани, Тојота Мотор мораше да ја откаже испораката на 10 свои модели, откако се увиде дека Тојота Индастрис наведувала погрешни податоци за моќноста на дел од моторите што ги произвела.
Тојота Мотор запре со испорака на бројни популарни модели со тие мотори, како Тојота Хајејс, Хајлукс и Фортјунер, но исто и Ланд Крузер 300 и Лексус Л Икс 500 д.
[the_ad id=”85764″]
Тоа беше уште еден силен удар по образот на Тојота Мотор, веднаш по скандалот со слично лажирани сертификати за моторите на Даихацу (мини-автомобили) и на Хино (камиони). По неколку месеци беше утврдено дека и Тојота настрадала од слични грешки во сертификатите.
Проблемите што се јавија ширум целата групација Тојота, предизвикаа заминување на инвеститорите и повик за оставка на Акио Тојода на годишната средба на акционери, иако нему веднаш му беше изгласана доверба за да остане на претседателската фунција.















