Јули 2007 година е уште еден важен датум за Toyota и за чистиот погон. Supra HR-V на тимот Denso Sard тогаш победи со новиот тркачки хибриден погон во генерален пласман на 24-часовната трка во Токачи, Јапонија. Тоа беше првпат автомобил со ваков погон да победи на меѓународна автомобилска трка.
Победата уште повеќе ги радуваше инженерите, а секако и менаџерите на Toyota, поради тоа што со триумфот на 24-часовниот маратон се докажа издржливоста на хибридниот погон во екстремни услови на мотоспорт. Од почетокот на продажбата на Toyota Prius беа поминати веќе десет години.
Овој успех сега го продолжува новиот хибриден хиперавтомобил GR010, со когошто Toyota Gazoo Racing ќе ги брани титулите на светски шампион во трки во издржливост и тркратен победник на Леман. Концептот на погонот во основата е истиот како во победничката Toyota Supra HV-R во 2007 година.
Развојот на тркачката верзија на хибридниот погон започнал во мај 2005 година. Главното внимание било посветено за енергијата при сопирањето да се искористи за полнење на батеријата. Идејата била на тој начин да се обезбеди екстра моќност при секое забрзување. Модифицирана хибридна техника била применета во лимузината Lexus GS 450h на 24 часа Токачи, којашто тогаш завршила на 17-то место. Разликата во хибридниот погон се сведувала единствено на тоа што во „тркачката“ лимузина бил вграден кондензатор. Но, инженерите го осознале потенцијалот на хибридниот погон за тркање и продолжиле со разработка на идејата.
Supra HV-R е преработена изведба од успешната Supra GT500 од јапонската серија Super GT, со 4,5-литарски V8 со 480 КС, дополнет со електромотор од 204 КС на задната оска, како и со два електромотори во предните тркала со моќност од по 14 КС. Системската моќност: 600 КС при тежина на возило од само 1.080 килограми. За да се постигне оваа ниска тежина, обичната батерија била заменета со кондензатори. Нивната посебност е во тоа што нагло ја акумулираат енергијата при сопирање и исто така нагло ја ослободуваат истата. Supra HV-R така си обезбеди прва позиција на стартот.
















