Тимот на нашите германски колеги ќе се натпреварува на маратонот на Нирбургринг со KTM X-BOW GTX. Читателките и читателите на auto motor und sport даваа предлози за изгледот на тркачкиот автомобил, стручно жири решаваше.
Избраниот дизајн на возилото што е во сопственост на Reiter Enginering, дело е на графичарот Томас Берстенленер. Дизајнот го избра стручно жири, составено од членови на редакцијата на auto motor und sport и од вработени во KTM и Kiska. Дизајнерското биро Kiska ги има дизајнирано сите мотоцикли на KTM од 1992 година наваму, како и четирите изведби на KTM X-BOW. На конкурсот распишан од магазинот пристигнаа 50 предлози. Победникот ќе биде гостин и дел од тимот на магазинот на тркачкиот маратон што се одржува во првиот викенд од јуни.
Верно на јубилејот, автомобилот ќе носи стартен број 75. Боите секако дека се истите од логото на магазинот, црвена со бели букви. Возачката четворка ја сочинуваат Кристијан Менцел, Маркус Естрајх, Тим Шрик и Јенс Драле, имиња што се или биле дел од auto motor und sport.
Тимот на магазинот ќе стартува со KTM X-BOW GTX во новата класа CUPX. Заради баланс со останатите возила, инаку суперлесниот KTM ќе има тежина зголемена на 1.185 килограми, а исто и силината ќе му се смали на 420 КС.
GTX во стандардната изведба располага со 530 КС и постигнува сооднос меѓу тежината и моќноста од околу два килограми, што е вон секаква конкуренција. Фабрички, двоседот е тежок 1.048 килограми, благодарение на школката од карбон и заштитниот кафез од челични цевки.
Маратонот на Нирбургринг почнува на 5-ти јуни во 15.30 часот, целното знаме ќе биде развиорено во истото време следниот ден. Поради пандемијата, публика нема да присуствува на трката. Љубителите на мотоспортот ќе можат да ја следат тркалата на профилите на auto motor und sport на друштвените мрежи и секако на вебсајтот www.auto-motor-und-sport.de
















