за

Шимојама е новата патека на којашто Тојота ги тестира идните модели

Патеките за тестирање се важни и за да се постигне истото возачко чувство во сите модели на марката. Тоа е намерата на Акио Тојода.

Работењето на новиот центар за развој на Тојота, којшто содржи и бројни патеки за тестирање, започна пред точно шест години. Повеќе од 3.000 лица работат во комплексот Шимојама, што се протега меѓу Тојота Сити и Оказаки.

Тојота и службено го отвори новиот технички центар Шимојама, како „место за истражување и развој што ќе создава уште подобри автомобили“. Новиот технички центар се протега по планинските предели меѓу Тојота Сити и Оказаки. Како што опишува светскиот број 1, комплексот ќе служи како „место на коешто патиштата ги усовршуваат автомобилите, но и луѓето што ги создаваат истите.“

Планинските предели на Шимојама со многубројни угорнини и удолнини, со најразлични свијоци, ќе овозможат Тојота да развива модели што ќе го посредуваат истото чувство зад воланот, но и за патниците, како во најмалите, така и во најголемите модели на марката.

Изградбата започна во април 2018 година, откако беше извршена подготовка на теренот. Средишниот дел што е конструиран како спореден пат почна да се гради во април 2019 година. Следно беше изградба на висособрзинска патека за тестирање во источниот дел. Таму се наоѓа и патека за тестирање што се состои од бројни делници што се конструирани по пример на најразлични видови патишта од целиот свет. Изградбата на тој дел заврши во октомври 2021 година.

На патеката веќе се развивани нови модели, како Лексус ИС од 2020 година. Корпорацијата уште тогаш соопшти дека следните модели од марките Тојота и Лексус ќе се усовршуваат во новиот тест-комплекс.

Во западниот дел се наоѓаат патеки за развој на новите модели, а има изградено и објекти за посетители. Тоа беше воедно и последниот дел што остана да се доврши и Тојота да го прогласи службеното отворање на центарот Шимојама.

Објектот во комплексот служи како деловен и развоен центар за Лексус и ГР. Со изглед по пример на Нирбургринг, тука ќе работат сите профили на стручни лица, од планирање и дизајн, преку развој и инженеринг, до изработка на прототипи и лаборатории. Возилата ќе се тестираат на патеките и веднаш ќе се вршат зафати за да се постигне совршеното. Секако дека дигитализацијата и врвната технологија се одлика на комплексот.

Во објектот за посетители главно ќе се одржуваат состаноци со бизнис партнерите и добавувачите. Тоа што ќе развива и вози во комплексот, во најголемиот дел останува под строга тајност.

Бидејќи јас сум и главниот тест возач, се радувам што ќе поминувам многу време возејќи по патиштата во Шимојама. Патиштата во Шимојама ги создаваат автомоболите
Акио Тојода, претседател на корпорацијата Тојота

Во манир на Тојота, посебно се внимаваше на заштитата на животната средина. Околу 60 проценти од површината на целиот комплекс се под исконските дрвја и зеленило, а дополнително има и нови насади.

Претседателот на Тојота, претходно извршен директор, Акио Тојода, кажа за новиот центар: „Поминаа близу 30 години откако е замислен проектот. Бевме посветени за овој простор да го унапредиме во место што ќе донесе насмевки на сите што живеат во средината и ќе ги направи среќни со тоа што Тојота дојде во Шимојама.“

Тојота изведе посебен дел од комплексот како центар во којшто ќе се врши обука на месното население, како да се однесува заштитнички кон животната средина. Секако дека е внимавано и на животинскиот свет.

Тојота Технички Центар Шимојама

 

  • Место · Делови од Тојота Сити (порано село Шимојама) и Оказаки (порано град Нуката)
  • Објекти · 159,2 хектари
  • Патишта · 7,1 хектари
  • Заштитени средини · 16,2 хектари
  • Уреден простор под зеленило · 81,8 хектари
  • Заштитени шуми и зеленило · 386,5 хектари
  • Вкупно 650,8 хектари, 6.508 километри квадратни

Инвестиција · 300 милијарди јени, околу 1,84 милијарда евра
Број на вработени · Околу 3.000 лица

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Македонскиот автомобилски пазар во февруари порасна за 69 проценти

Суперкар Блонди ќе продава скапи автомобили за колекционери