за

Македонскиот автомобилски пазар во февруари порасна за 69 проценти

Со вкупно 551 продадени патнички и доставни возила, македонскиот пазар во февруари постигнал најголем раст од 2019 година наваму.

Доколку се задржи динамиката на продажбата од првите два месеци, македонскиот пазар може да ја заврши 2024 година со преку 6.000 продадени нови патнички и доставни возила. Но, уште е рано за предвидувања.

Моделите и марките во набројувањето на најпродаваните модели се менуваат од месец во месец, што сведочи дека увозниците водат жестока конкурентска битка. Единственото што не се менува во целиов период е отсуството на веродостојни и потврдени податоци за продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар.

Во разговори со менаџерите на компаниите увознички, честопати е укажувано на тоа дека од нив редовно се испраќаат извештаи од продажбата до државните органи. Тоа се најдетални податоци за возилата, според стандардизирани статистички категории. Ако податоците постојат и се доставуваат, а не се објавуваат, тоа единствено води кон нестручност и неспособност на адреса на државните органи. Пример, пасоши и лични карти.

Според тоа, по неофицијалната статистика за февруари 2024 година, на македонскиот пазар се продадени 551 патнички автомобили и лесни доставни возила. Тоа е за 69 проценти повеќе во споредба со истиот месец во претходната година. Ако се исклучат вонредните пазарни услови во средината на 2021 година, кога постоеше нередовност во испораката на возила, поради кусокот од микрочипови, февруари донесе најголем раст во продажбата на нови возила од 2019 година наваму, односно од последната година што светот ја живееше во нормални услови, пред пандемијата.

Тогаш имаше скок од 64,2 проценти во мај 2021 година и уште поголем скок од 159 проценти во април 2021 година, меѓутоа според обемот на продажба, февруари 2024 година е пак во предимство, со 551 продадено возило.

Меѓу марките, прва е Шкода, со 48 патнички автомобили, пред Киа со 44 возила и Тојота со 24 возила. Фолксваген продаде 15 возила во вториот месец од годината.

По модели, Киа Спортаж стандардно е на врвот или близу. Во февруари, СУВ-моделот повторно е македонски бестселер со 39 возила и раст од 34,5 проценти во споредба со истиот месец лани. Во јануари, Спортаж беше втор најпродаван модел.

Новина во Топ 10 е Сеат Ибица со 35 возила, некогаш мошне моќно име во продажбата на домашниот пазар. Неофицијалната статистика не ги двои приватните и службените купувачи, па може само да се претпостави дека станува збор за флотна продажба.

Уште една марка на Порше Македонија е во Топ 5, Шкода со својата Октавиа, со раст од 218,2% во споредба со лани, со вкупно 41 возило од почетокот на годината. Шкода е пример за стратегијата што ја применија производителите на автомобили, затоа што во време кога имаше кусок од микрочипови, се избираше тие чипови што се на располагање да се вградуваат во поскапите марки и во најскапите модели. Февруарскиот скок е само најава за тоа што престои со чешката марка на нашиот пазар.

На четвртото место е уште еден редовен чинител на Топ 10, Дачиа Дастер, купувана и приватно и службено – и државно. Романскиот бескласен СУВ им одговара на сите. Аутомотив Груп со тоа го има најпродаваниот модел во првите два месеци, со 74 примероци од Дастер. Наскоро доаѓа наследникот, што ќе се продава заедно со постојниот модел.

Групата Рено го држи петтото место, со Рено Клио, со 27 возила, односно вкупно 33 од почетокот на 2024 година. По Хјундаи, следи Ситроен Ц3 со 17 возила и вкупно 28 од почетокот на годината. Огромен раст од 240 проценти донесува моделот што исто така е пред генерациска смена. Со тоа што тројката на Французите го нуди како противвредност во овој период, сосем е извесно дека Автонова ќе продолжи да ја зголемува продажбата на овој модел, што е „природен“ за домашниот пазар.

Рено Каптур повторно е во Топ 10, со 14 продадени возила, по подолго отсуство од статистиката. Опел Корса е уште еден Топ 10 модел од матичната класа за македонскиот пазар, пред да бидат укинати сите правила на нормален автомобилски пазар и навалата по луксузниот отпад од бугарските плацеви за користени автомобили.

Пежо 2008 имаше појавување во Топ 10 во јануари, и со 13 продадени возила постигна иста февруарска продажба со уште еден модел на Еуроимпекс, со Корса. Во билансот за првите два месеци, француската марка сепак е во предимство, со 23 продадени возила.

Шкода Камик и Тојота Корола го заокружуваат македонскиот Топ 10. Во статистиката отсуствуваат и податоците за продажбата на Сузуки, Мерцедес, БМВ и други марки.

Најпродавани модели на македонскиот пазар во февруари 2024

Поз Модел Фев. ’24 Тренд ’23 Јануари ’24 2024
1 Киа Спортаж 39 + 34.5% 2 59
2 Сеат Ибица 35 35
2 Шкода Октавиа 35 + 218.2% 41
4 Дачиа Дастер 30 + 2900.0% 1 74
5 Рено Клио 27 + 350.0% 33
6 Хјундаи и30 20 5 33
7 Ситроен Ц3 17 + 240.0% 7 28
8 Рено Каптур 14
9 Опел Корса 13 21
9 Пежо 2008 13 9 23
11 Шкода Камик 9 – 18.2% 3 24
11 Тојота Корола 9 – 25.0% 6 21

Џип Авенџер, еден од важните нови модели на македонскиот пазар, во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Jeep Avenger 1.2 Turbo 100 FWD Longitude

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сеат со историски резултати

Шимојама е новата патека на којашто Тојота ги тестира идните модели