за

Новиот шеф ја донесе Тојота до рекорден профит, продажба, производство

Јапонскиот производител ќе ја вложи добивката во новата генерација електрични автомобили, во софтвер и во вештачка интелигенција.

Извршниот директор Коџи Сато ја заврши својата прва година зад кормилото на Тојота, со добивка што во последниот квартал беше зголемена за 77 проценти.

Рекорди се нижат на сите полиња, додека најголемиот производител на автомобили во светот вложува купови кеш во развој на нови генерации на технологија.

Автомобилскиот производител не пропушти да наведе како точно ќе го инвестира големиот прилив.

Компанијата кажа дека во тековната фискална година ќе ги зголеми за 42 проценти вложувањата во технологии што се во раст, односно во електрификација, софтвер и вештачка интелигенција. Во овие подрачја ќе се вложат вкупно 1,7 трилиони јени, односно 10,5 милијарди евра.

Тојота ќе потроши дополнителни милијарди и во подобрување на човечките ресурси, вклучувајќи поголема поддршка за добавувачите и дилерите. Во овој дел ќе се вложат 2,3 милијарди евра.

Издатоците се толку обемни што ќе зафатат и во добивката од тековнава фискална година.

Тојота е секогаш конзервативна во тој поглед и предвидува дека во тековната фискална година што завршува на 31-ви март 2025 година, оперативниот профит и чистата добивка ќе се намалат.

Тоа забавување е дел од намерната пауза што Сато ја зацрта во почетокот на годинава, со цел да се консолидираат позициите и да се изработи план за профитабилноста да се задржи на подолг рок, по досегашниот спринт во продажбата и производството.

„Ова време на мирување ни е потребно за нашиот иден раст во подолг временски рок“, кажа Сато на конференцијата за медиуми во Токио. „Би сакале да вложиме проактивни напори за иден одржлив раст.“

Во штотуку завршениот четврти квартал на компанијата, оперативната добивка се зголеми за 77 проценти и достигна 6,83 милијарди евра, наспроти 3,85 милијарди лани.

Тојота постигна двоцифрена оперативна маржа од 10,0 проценти во 4-то фискално тромесечје, во споредба со 6,5 проценти во истиот период во претходната фискална година.

Чистата добивка речиси се удвои на 6,13 милијарди евра во периодот од јануари до март. Во истиот период во ланската фискална година, таа изнесуваше 3,4 милијарди евра.

Глобалниот промет во последното тромесечје порасна за 14 проценти, на 68 милијарди евра.

Тојота се катапултираше откако заврши светската криза со кусокот од микрочипови и купувачите буквално навалија по хибридните модели што се заштитен знак на компанијата.

Компанијата ја пушти својата производствена машинерија на максимум.

Помогна и поволниот девизен курс, зголемувајќи ја заработката во јени и додавајќи 1,88 милијарда евра во оперативната добивка.

Консолидираната глобална продажба опадна за 7,9 проценти, на 2,15 милиони возила во последното тромесечје. Во тоа се вклучени и испораките на возила од марката Даихацу и камионите на Хино. Продажбата во Северна Америка порасна за 18 проценти, на 655.000 возила. Европа исто така напредуваше за 13 проценти и регистрираше 308.000 нови Тојоти.

Испораките на домашниот пазар речиси се преполовија на 363.000 возила.

Групацијата Тојота беше погодена од низа непријатни скандали околу квалитетот, што доведе до прекин во производството и во продажбата, загребувајќи во имиџот на компанијата.

Камионската марка Хино Моторс се посрамоти во 2022 година, откако беше утврдено дека се лажирале вредностите на издувните гасови. Извесно е дека таа ќе се спои со Мицубиши Фусо, јапонски производител на камиони во сопственост на Дајмлер.

Во декември, огранокот за мини-автомобили Даихацу ги прекина испораките на своите возила, откако се утврди дека биле лажирани тестовите за безбедност при страничен судир. Даихацу ги прекина испораките на сите свои модели.

Потоа, во јануари, Тојота ја запре испораката на 10 свои модели во светски рамки, поради тоа што моторите испорачани од Тојота Индастрис не ги минале соодветените тестови за моќност.

Јапонскиот гигант произведе рекордни 11,21 милиони возила во фискалната година што заврши на 31-ви март. Во тоа влегуваат и возилата од марката Даихацу и камионите Хино.

Вкупната продукција е зголемена за 4,5 проценти во споредба со претходната година. Тоа е трета година на постојан раст. За новата фискална година, продукцијата ќе се смалува.

Глобалната продажба порасна за 5,0 проценти на рекордни 11,09 милиони возила, заедно со Даихацу и Хино.

Главниот двигател на растот се хибридните модели.

Тојота во ланската фискална година продаде преку 3,7 милиони хибриди. Тоа е за 32 проценти повеќе отколку една година пред тоа. Хибридите учествуваат со една третина од светската продажба на Тојота, наспроти 26 проценти претходно.

За споредба, Тојота во ланската фискална година продаде 116.654 батериски електрични возила. Тоа сепак е повеќе од тројно во споредба со фискалната 2022/23 година. Во 2020 година, Јапонците уште немаа ниту еден ЕВ во гамата.

Според директорот за финансии Јоичи Мијазаки, хибридите се барани поради тоа што се зелени и штедливи, но и поради подобрувањата во технологијата, што прават тие да се позабавни за возење.

Во одредени случаи, хибридите чинат исто колку моделите со класичен бензински погон. „Хибридите станаа исклучително привлечни возила,“ кажува Мијазаки.

Хибридите во повеќето случаи се исто толку профитабилни колку бензинците, така што колку повеќе Тојота продава од нив, толку заработува повеќе.

Тојота предвидува дека хибридите годинава ќе напредуваат за 25 проценти и ќе достигнат 4,65 милиони возила. Нивниот удел во тој случај би изнесувал 42 проценти од светската продажба.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Лимузината на Путин ќе се произведува во поранешната фабрика на Тојота

Шефот на Мерцедес: Бензинците и електричните вредат исто