за

Шефот на Мерцедес: Бензинците и електричните вредат исто

Ола Келениус на главното собрание нагласи дека моторите и електричниот погон заслужуваат исто внимание.

Ола Келениус покрај електричниот Мерцедес Г 580 на годинешното акционерско собрание

На главното собрание на Мерцедес, извршниот директор Ола Келениус кажа дека е можно трансформацијата да трае подолго од очекувањата.

Шефот на Мерцедес, Ола Келениус, во неговиот говор што беше објавен пред овогодишното главно собрание на акционерите, нагласи дека моторите со внатрешно согорување заслужуваат исто внимание колку електричниот погон. Во следните години ќе се нудат двата видови погон, кажува Келениус. „Доколку постои побарувачка за тоа, до длабоко во 2030-те години.“ Можно е трансформацијата да трае подолго отколку што се очекуваше. Таа зависи од различни фактори, меѓу кои и од мрежата од полначи.

Компанијата ги држи сите релевантни видови погон на најновото технолошко ниво, така што купувачот може да избере сам. „Ние во секој случај ќе го произведуваме совршениот Мерцедес“, вели Келениус. Фабриките се поставени флексибилно и можат брзо да одговорат на движењата на пазарот. За разлика од останатите производители, Мерцедес не ја сосредоточува својата продукција на само една фабрика, туку може на иста монтажна линија да произведува возила со сите видови погон.

Келениус во својот говор нагласи дека главното внимание и натаму ќе биде посветено на горниот крај на автомобилските сегменти. Шефот овојпат го изостави зборот луксуз. Шведскиот шеф го смени тонот на говорот, кога станува збор за електричната и луксузната стратегија.

Во поглед на погоните, ќе се менуваат некои важни цели. Келениус очекува дека дека во 2030 година, батериските електрични и приклучните хибридни модели ќе учествуваат во продажбата со удел од околу 50 проценти.

Акциите пораснаа за 10 проценти, дивидендата за годинава е 5,30 евра по акција

Акционерите на Мерцедес годинава ќе се радуваат на дивиденда во висина од 5,30 евра. Покрај тоа, вредноста на акциите во минатата година се движеше во позитивна насока и порасна за десет проценти. Во моментов, акција во Мерцедес вреди 73,30 евра. Целта на компанијата е околу 40 проценти од добивката на концернот да им се исплатат на акционерите како дивиденда. Покрај тоа, веќе се чувствува позитивно влијание од масовното откупување на сопствените акции, додава Келениус.

Претставниците на акционерите во своите излагања искажаа задоволство од работата на управниот одбор и од претседателот на управниот одбор Бернд Пишетсридер. Вообичаено беа поставени и критички прашања во поглед на неконзистентноста во стратегијата. Роланд Клозе од германското здружение за заштита на хартии од вредност укажа на јазот меѓу климатските цели што треба да се постигнат и забавената продажба на електричните автомобили. Тој праша и за трошоците од тоа што подолго време ќе се задржат различни видови погон во понудата на Мерцедес. Клозе цени дека тоа може да им донесе предимство на конкурентите, што имаат помалку модели и помалку варијанти во погоните.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот шеф ја донесе Тојота до рекорден профит, продажба, производство

БМВ продаде повеќе автомобили, заработи помалку