за

БМВ продаде повеќе автомобили, заработи помалку

БМВ со успех ги продава електричните автомобили. Но, маржата во првото тромесечје се смали.

Целосно електричниот БМВ и4 од летоска ќе се испорачува во освежена изведба. Продажбата на електричните модели порасна за 40,6 проценти.

Производителот на автомобили БМВ оствари помала добивка во првото тромесечје и покрај добрата продажба на поскапите модели и зголемената вкупна продажба. Профитабилноста на концернот што учествува во Дакс-индексот на германската берза, осетно се намали во споредба со одличниот прв квартал лани, посебно во примарниот бизнис, патничките автомобили.

И покрај зголемениот удел на електричните автомобили, што уште не се толку исплатливи, и под товар на генерациската смена кај важната серија 5 на БМВ, шефот на концернот, Оливер Ципсе, цени дека компанијата добро го држи зададениот курс и ги потврди очекувањата за годинава. Вредноста на акциите во средата сепак се смали, затоа што аналитичарите и инвеститорите очекуваа повеќе.

Акциите кусо пред почетокот на тргувањето на берзата изгубија 5 проценти од вредноста. Маржата што е малку послаба од очекувањата во автомобилскиот бизнис, влијаеше врз вредноста на акциите, оцени аналитичарот Том Нарајан од канадската банка РБЦ.

Со исклучок на маржата во автомобилскиот бизнис, сите останати резултати се пристојни, цени стручното лице на Џеферис, Филип Ушоа. Приливот на финансии во првиот квартал е одличен, забележа експертот на Џеј Пи Морнан, Хозе Асуменди.

Позитивни движења кај е-автомобилите

„Според планираното, забрзано го зголемуваме уделот на електрични возила и во исто време го задржуваме високото рамниште на профитабилност“, Ципсе укажа на изминатите девет квартали, во коишто БМВ постојано ја постигнуваше или надминуваше поставената добивка.

Во поглед на најважното мерило на пазарот на капитал, маржата на добивка во автомобилскиот бизнис, без пресметани камати и даноци, БМВ во првото тромесечје оствари добивка од 8,8 проценти. Тоа е за 3,3 процентни бодови под вредноста од истиот квартал лани. Аналитичарите очекуваа дека маржата од прометот во автомобилскиот бизнис ќе биде над 9 проценти.

БМВ лани доби ветер во грб од тоа што трошоците за производство беа пониски, а тоа пак се должеше на пониските цени за набавките во 2022 година.

Инфлацијата доведе до тоа БМВ по вториот квартал во 2023 година да се соочува со зголемени цени за производство, а тоа влијаеше и врз продажбата на продадените возила. Тој тренд продолжи до последниот квартал.

Компанијата и натаму плови мирно со своите целосно електрични модели. Нивниот удел во вкупната продажба пораснал од 11 на 13,9 проценти. Е-автомобилите уште не носат толку висока маржа, како моделите со бензинци и дизели и приклучните хибриди, затоа што високата цена на баеријата не може целосно да се надомести преку продажната цена.

БМВ во понатамошниот тек на годината очекува новата серија 5 да донесе голем плус во резултатите од бизнисот. Секоја смена на моделска генерација влијае врз добивката, затоа што новите модели се воведуваат на пазарите чекор по чекор. Дополнителен проблем е тоа што продажбата на моделот што се заменува, почнува да забавува долго пред да пристигне моделот од новата генерација. Шефот за финансии, Валтер Мертл, потсети дека новата Петка пристигнала во салоните во Кина пред само неколку недели.

Добивката без пресметани даноци и камати на концернот, во првиот квартал се смали за една четвртина и изнесува 4,05 милијарди евра. Освен смалената профитабилност на автомобилскиот огранок, врз тоа влијаеше и ослабнатиот бизнис со финансиски услуги. Во периодот кога цените на користените возила беа повишени, БМВ долго профитираше од препродажбата на возилата што се враќаа од лизинг. Како што сега паѓаат цените на користените автомобили, овој дополнителен ефект изостанува.

Прометот на концернот од 36,6 милијарди евра е непроменет. Со 594.533 возила, БМВ во првото тромесечје продаде за 1,1 процент повеќе возила отколку лани. Доколку изостанеа промените во девизната размена, главно кај доларот и кај кинескиот ренминби, добивката во автомобилскиот бизнис ќе беше поголема. На крајот, БМВ го заврши кварталот со 2,95 милијарди евра добивка. Тоа е речиси за петина помалку од првиот квартал лани.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на Мерцедес: Бензинците и електричните вредат исто

Дизајнерот на Форд си замина од компанијата