
Шефот на дизајнерското одделение на Форд, Ентони Ло, ја напушти компанијата „за да истражува нови можности“ објави производителот на автомобили од САД.
Ло сам донел одлука да замине, со важност од 14-ти мај, соопштува Форд, без да се наведе каде тој ќе ја продолжи својата кариера.
Ло се вработи во Форд во 2021 година, заменувајќи го Мореј Калум. Тој дојде во Форд од групацијата Рено, каде што беше заменик претседател за надворешниот дизајн на францускиот производител.
За време на неговата работа во Форд, Ло создаде неколку впечатливи дизајни, меѓу кои и концептниот Линколн Модел Л100, самоуправувачка лимузина со ниска силуета, за којашто производителот наведе дека располага со батерија со цврст електролит.
Ентони Ло беше одговорен и за дизајнирањето на тековната генерација на спортскиот модел Мустанг.
Во Рено, Ло работеше на дизајнерската пресвртница на француската марка, за којашто аналитичарите ценат дека помогна во голема мера за Рено да се искачи на местото на втор најголем производител во Европа.
Роден во Хонг Конг, школуван во ОК, Ло прво почнува да работи во британски Лотус, во средината на 1980-те, по што преоѓа во Ауди, а кусо време потоа и во Дајмлер.
Во 2000-та, тој стана шеф за напреден дизајн за марката Сааб, како дел од Џенерал Моторс. Тој работеше на концептниот Аеро Икс, а потоа ја презеде одговорноста и за напредниот дизајн на ГМ Европа, за марките Опел и Воксхол.
Рено го регрутираше Ло во 2010 година, за да го води дизајнот на внатрешноста, во времето на главниот дизајнер Лоренс ван ден Акер, уште едно големо дизајнерско име на Рено, кој го замени легендарниот Патрик Ле Квеман.

Меѓу најпогодените дизајни на Ло секако дека се вбројува Дачиа Дастер, мал СУВ што цели во ценовно најповолниот дел од сегментот. Дастер стана лидер во тој сегмент, престигнувајќи бројни модели од поскапата и поизвикана конкуренција.















