Тојота ги испорача првите возила што ќе бидат вклучени во службениот возен парк за Олимпијадата и Параолимпијата што годинава се одржува во Париз. Светскиот број 1 воедно го прикажа и изгледот на возилата, графиката што ќе стои на возилата. Со таа графика, Тојота укажува дека треба паралелно да се развиваат сите видови погон, место да се става предимство на само еден вид погон.
Тојота е светски партнер за мобилност на Интернационалниот Олимписки Комитет и на Интернационалниот Параолимписки Комитет и на посебна свеченост ги предаде првите возила што ќе се користат на светскиот настан. Преку своите активности и секако преку возниот парк, Тојота за време на Париз 2024 ќе прикаже неколку нови пристапи во во поглед на инклузивноста и одржливоста. Мисијата на Тојота е спортистите, финансиерите, персоналот, доброволците и публиката да се движат за време на настанот безбедно и со колку е можно помало влијание врз животната средина.
Свеченото примопредавање на клучевите од првите возила за Париз 2024 се одржа на 1-ви март, пред деловната зграда Пулс, во Сент Дени, во присуство на Тони Естанге, претседател на Париз 2024, Јошихиро Наката, претседател и извршен директор на Тојота Мотор Европа, Франк Мароте, извршен директор на Тојота Франција и Дидие Гамбар, преседател на Кинто Европа.
Возниот парк на Тојота за Париз 2024 ќе се состои од повеќе видови погон. Секој вид погон ќе биде обележан со препознатлива боја, за Тојота на тој начин да укаже дека не треба да се притиска само на развој на еден вид погон – конкретно, батерискиот електричен погон – туку треба паралелно да се развиваат повеќе видови погон, зависно од регионот, географските посебности, економската моќ на одделните региони. Тојота цени дека на тој начин навистина ќе може да се постигне смалување на емисијата на ЦО2.
Импресивен е возниот парк на Тојота. Јапонската марка ќе го снабди Париз 2024 со дури 2.650 електрифицирани возила и 700 иновативни видови на превозни средства, коишто служат да се дојде до крајната точка. Меѓу 700-те иновативни возила се 250 возила АПМ (Аксесибл Пипл Муверс), коишто се посебно приспособени за Париз 2024 и произведени се во Европа.
Дизајнот на возниот парк за Олимпијадата и Параолимпијдата се повикува на графичките елементи што се дел од стилот на Игрите (сенчење, ленти, точки, препознатливи обележја на француската култура и на „арт де вивр“.
APM Toyota fabricados em Ovar já estão ao serviço de Paris 2024 https://t.co/abi8NLxL6o via @Notícias de Aveiro
— NotíciasdeAveiro (@noticiasaveiro) March 1, 2024
Возилата со погон на водород и со горивни ќелии ќе имаат сина графика. Батериските електрични возила ќе бидат препознатливи по зелената боја, додека пурпурната боја ќе биде својствена за хибридните и приклучните хибридни возила. Тоа се трите бои што ќе ги обележуваат различните видови погон на Тојота, во насока на иднината без емисија на ЦО2.
Персоналот што работи на организацијата и обемните подготовки за Париз 2024, уште од септември лани добија на располагање возила преку огранокот Кинто на Тојота. Тоа се возила што вработените ги изнајмуваат на неколку минути, за брзо да дојдат до одредиштето и плаќаат само за тие неколку минути.
















