за

За електричниот Рено 5 се регистрирале 50.000 заинтересирани купувачи

Наследничката на Зои во стилот на „супер-петката“ од 1970-те години е меѓу најмногу исчекуваните модели на Рено во последниве години.

Рено 5 имаше премиера на салонот во Женева на 26-ти февруари. Моделот ќе биде достапен со батерија од 40 или 52 кВч, со досег од 300 или 400 километри.

Извршниот директор на Рено, Фабрис Камболив, ветува дека ќе направи сé за првите примероци од електричниот Рено 5 да им бидат испорачани на сопствениците во текот на есента.

Рено го лансира електричниот Рено 5 како модел што јавноста го исчекуваше со големо нетрпение. Наследничката на Зои ќе стартува од 25.000 евра, што е десетина илјади евра помалку од повеќето конкурентски модели. Посебно е важно тоа што моделот ќе се произведува во Европа, во северна Франција.

Со изглед што се повикува на прочуениот Рено 5 од 1970-те години и на неговата втора генерација „Супер-Чинкуе“, француската марка го заменува Зои што го имаше своето пазарно деби во 2014 година. Шефот на марката Рено, Фабрис Камболив, за време на салонот во Женева, зборуваше во интервју со уредникот на Аутомотив Њуз, Питер Сигал, околу очекувањата за 5-та, што ќе стартува со продажба во мај.

Од каде ќе доаѓаат купувачите на Рено 5? Кои се Вашите очекувања за продажбата?

Нашата стратегија е да имаме „две нозе“ во секој сегмент – модели со МВС (мотор со внатрешно согорување) со хибридна технологија и возила со целосно електричен погон. Доколку купувачи од Б-сегментот (градски модели) го избираат Рено 5, тоа не е конкурент на Клио. Очекуваме дека Рено 5 ќе биде позициониран исто како што е Клио меѓу моделите со МВС во Б-Сегментот [Рено Клио беше втор најпродаван градски модел во Европа во 2023 година, според Датафорс].

Звучи како да очекувате голема побарувачка.

Да, голема побарувачка, но исто така сакаме нашите сопственици на Зои да ги префрлиме на Рено 5.

Постојат две големини на батерија, од 40 и 52 кВч, со досег од 300 и 400 километри. Каков микс очекувате?

Во почетокот, нашата продажба ќе биде главно од моделот со поголем досег, но чекор по чекор и изведбата со досег од 300 километри ќе станува популарна. Помалата батерија ќе биде лансирана неколку месеци по моделот со поголемата батерија.

Дали Рено 5 ќе биде привлечен за компаниите со возни паркови?

Сакаме да балансираме меѓу двата различни канали во Рено. Во 2023, половината од нашата продажба беа приватни купувачи, а 50 проценти беа флотни продажби. Очекувам дека 40 проценти од продажбата на Рено ќе биде за возни паркови.

Дали веќе имате некакви предвидувања околу волуменот?

Имаме листа на чекање со 50.000 лица. Ќе ги отвориме нарачките во мај, и возилата ќе почнеме да ги испорачуваме во септември или октомври. Проблемот не е во тоа да се увериме дека имаме клиенти – предизвикот е да имаме мазен старт и да бидеме во состојба да ги услужиме првите клиенти до октомври.

Дали произведувањето на Рено 5 и на повеќето од неговите делови во индустриската зона Електрисити во северна Франција ќе го олесни стартот?

Да, тоа е стратегијата што ја избравме, за развојот на автомобилот, ланецот од добавувачи и производството да бидат колку е можно поблиску до нашите клиенти. Тоа ќе биде предност во поглед на трошоците за логистиката и брзината на испораката.

Кога ќе ги користите батериите од партнерот на Рено, АЕСЦ Енвижн, што гради гигафабрика во регионот?

Планот е да се отпочне во 2025 година.

Уделот на ЕВ во Европа уште расте, иако побарувачката забавува. Каква е Вашата стратегија за продажбата на ЕВ да ја одржувате на одредено ниво и да осигурате дека ќе ги исполните вашите цели за емисијата на штетни материи кон ЕУ?

Автомобилите со МВС што ги продаваме во поголемиот дел се целосни хибриди, и тоа е многу различно. Во поглед на нашата стратегија за ЕВ, ќе продолжиме да напредуваме со скусувањето на трошоците и со пренесувањето на некои од придобивките за трошоците за автомобилите, за во иднина да бидеме поконкурентни. Но, уште поважно е тоа што по лансирањето на двата ЕВ во Ц-сегментот (Сеник и Меган), ќе се префрлиме на ЕВ во Б-сегментот, со Рено 5 и со Рено 4 (малечок СУВ за 2025 година). Најголемиот пораст ќе доаѓа од Б-сегментот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тојота почна со испорака на возила за Олимпијадата во Париз

Заврши производството на Нисан Лиф, се чека наследничката